Потоа, во октомври 2016-та, откако напишав една колумна за Ким Кардашијан за Дејли Телеграф („Сакав Ким Кардашијан да умре”), се најдов распослана на Вашингтон Тајмс, Космополитен, Болт и Гардијан. И да ви кажам, кога ќе напишат непријатна колумна за вас во Вашингтон Тајмс... Светот реагира исто така непријатно.
Три месеци зборовите ми ги вадеа од контекст и ужасно ме малтретираа и ми се закануваа со смрт онлајн – и тоа жени кои „наводно” требаше да бидат феминистки. Која иронија!
(Заб. на прев. Јеби га, коа ќе напишеш дека сакаш некој да умре, а особено кога е јавна личност, треба да бидеш спремен да сносиш последици.)
Одеднаш, моите стории почнаа да ги одбиваат, и тоа уредници кои претходно со задоволство ме објавуваа. Уредници чиј што бренд беше еднаквост. Уредници кои објавуваат бројни статии за двојни аршини и еднакви можности за вработување. Какви глупости!
Текстот за Кардашијан се конзумираше буквално и се процесираше емотивно. А всушност, не пишував за никаква Кардашијан. Коментирав за отровната селебрити култура и како таа уништува млади девојчиња.
Никој не размисли за мојот огромен претходен опус кој придонесува кон феминизмот пред статијата за Кардашијан.
На пример: Моите книги за домашно насилство и силување. Моите бројни колумни кои се фокусираат на женската сексуалност и женските прашања.
Ми судеа на ЕДНА ПОСРАНА КОЛУМНА. Затоа што, така треба, нели?
НЕ!
Ме тролаа, ме малтретираа на интернет, ме напаѓаа влијателни австралиски коментатори и уредници од Дејли Лајф, Гардијан, СБС и Џанки. Јас се идентификував како феминистка порано кога феминизмот се однесуваше на еднаквост, а не на огорчени реакции и мразење мажи. Се идентификував како феминистка кога не беше толку модерно.
Се уморив од феминисти што ја игнорираат автентичноста на машките прашања.
Се уморив од отровна омраза насочена кон неродени синови.
Се уморив од слушање на претерано употребуваниот термин „токсична машкост”.
(Што правиме со токсична женскост?)
Го изучував феминизмот. Поминав една деценија запознавајќи се со историјата.
Но сега која стигна најде да се нарекува феминистка.
Феминистичкото движење доби скандалозна цел. Кој ќе ја даде најневеројатна изјава? Кој ќе ги деградира и ќе ги дехуманизира мажите најуспешно?
Затоа што, во овој наратив, двојниот аршин за мажите на семеен суд и стапката на самоубиство е забатален.
Годинава, интервјуирав еден австралиски активист за домашно насилство – Фил Хант. Неговата работа главно се фокусира на мажи. Со оглед на тоа што повеќе од 30% жртвите на домашно насилство се мажи, Хант беше шокиран што единствената помош што му е достапна е телефонски линии за советување и никој од таму не можел да помогне понатаму, штом тој нема таков проблем.
Дали се феминистките толку слаби во нивната позиција што не можат да се справат со критика на нивните идеи? Дали се толку политички коректни, што кога другите нема да се согласат, треба да се замолчат и да се казнат со јавно распнување?
Дали се феминистките толку патетични, што веруваат дека навредите и стереотипите се во ред, се додека се наменети за мажите?
ИЗГЛЕДА ДА.
Неодамна, #MeToo кампањата каде што се јавуваат ѕвезди во поддршка (со свое исксутво за малтретирање) стана вирална после обвинувањата против Вајнстин. Хаштагот го популаризираше актерката Алиса Милано, која ги храбреше жените да твитаат и јавно да ги кажат нивните искуства, за да се демонстрира раширената природа на мизогинистичкото однесување.
Јас гордо го употребив хаштагот да споделам две статии за моето справување со силување (едно од Дејли Телеграф и едно од Њу Матилда). Прво се почувствував моќно, што се придружив на еден хор жени од целиот свет – во нашето колективно малтретирање. Но потоа, како некој што преживеал такво нешто, почнав да сфаќам дека жените го релативизираат тоа со зборување за невини ствари од типот рака на колено. Сериозно, дали е можно некој маж да направи нешто без тоа да се смета за предаторско однесување?
Како треба еден маж да флертува? Или да се додворува на спротивниот пол?
И кој одлучува како треба?
Поротници од социјални мрежи? Најразбеснетата австралиска феминистка и тие што ѝ се на ланче?
Како што кажува Ела Велан во една нејзина статија, таквите слаби тврдења можат да нè вратат сите во ерата на надзор и полициски час.
Јас сум ХУМАНИСТ. Верувам во еднакви права за сите.
***
Текстот беше објавен на Хафингтон Пост и потоа тргнат, ама ние го уловивме.