Money Diaries почна во 2016-та, со идејата дека „првиот чекор до средување на твоите финансии е следење на трошоците”. Со мотивирање на младите жени да запишуваат што трошат и со дискусија за нивните финансии, сајтот сака да им помогне, теоретски, да станат попаметни со пари. Жената што го сефтоса експериментот е една 27-годишна, од Бруклин со плата од 65.000 долари годишно во неименувана „креативна индустрија”. Нејзиниот текст е неоптеретен и симпатичен – нарачала крилца и голема пица навечер (28.74 долари), купила производи за убавина на интернет да компензира што се нервирала на работа (59 долари), нарачала книга од Амазон (10.66 долари) и пробала кокаин (гратис). „Не знам колку треба да чини дрогата, но слушнав дека кокаинот е скапичок,” пишува таа. „Пробав затоа што ми понудија и бев пијана. И алкохолот беше бесплатен.”
И наскоро научува дека во светот на Money Diaries, ниедна искреност не поминува неказнето. Во коментарите, читателките наскоро ќе се именуваат себеси за финансиски и морални судии (познато?). „Живеам и работам во Челзи и не би се осмелила да трошам вака,” коментира една со опиплива осуда. „Особено со таа плата. Пробај да си ги средиш приоритетите, кукло ;)” Друга се фаќа за книжевното частење: „Совет: Пробај со книги од библиотека. Таа ти е пристојна, но не вреди да се купи!” Трет коментар се бави со нејзиниот начин на исхрана: „Леле, исхрана со пица, пецива, алкохол и крилца (и нешто кокаин), без време за вежбање… не е ни чудо што девојкава е истоштена и немотивирана.” Една што се претставува како авторката на текстот наскоро влегува во коментарите за да се одбрани, односно, барем да го одбрани рекреативното дрогирање. Била многу заштитено дете и како возрасна постојано компензирала – затоа кокаинот (кој иначе, го пробала само три пати).
Така, Money Diaries се поставува како место каде што миленијалките застануваат пред еднакви на себе и чекаат сурови коментари. Ако сме реални, има и доста апсурдни детали кај некои. Една жена која заработува 240.000 долари годишно како адвокат опишува како оди на депилација за препони за да се освести од спиење; друга што заработува 108.000 долари годишно во нафтената индустрија троши 145 долари на грижа за кучето. Но често најобичните детали добиваат најжестоки критики. Една што заработува 120.000 долари годишно, а работи во медиуми, забележува дека дечко ѝ платил неколку пати кога биле излезени. „Како да сме во ’50-ти,” коментира една. Од друга страна, жените што им плаќаат на дечковците, како една што заработува 145.000 долари плус 30.000 долари бонус еднакво го јадат стапот. „Зошто ма, да му дозволиш да не учествува во киријата, а не сте во брак?.. Жените се луди!” Една на пример, што нема приход и зависи од родителите исто така ги возбудува коментарите – и не само за трошењето. „Види ја, бе, секој оброк и е со јаглен хидрати,” пишува една сигурно совршена особа.
Ако прочитате доволно текстови овде, и доволно од коментарите што следуваат, а често ги има на стотици, и ќе забележите едно непишано правило: Money Diaries почнува со жени што живеат добро и живеат во градови како Њујорк и Лос Анџелес, но наскоро се расплинува и со текстови од жени што заработуваат помалку, и живеат во помали градови. Жена што заработува шестцифрена плата се третира посурово од жена што заработува помалку – освен ако не е ептен помалку, во кој што случај веднаш се појавува сомнеж дека се шлепа („Мило ми е што успеваш со 32.000 долари во град, но некако не ми штима математикава,” пишува во еден коментар). Текстовите од Њујорчанки добиваат највеќе критики, како и од жени што работат во финансии и технологија. Жените со стабилни врски исто го влечат подебелиот крај, додека жените од мали, рурални места ги фалат, особено ако живеат скромно и рано си легнуваат. Најпријатните коментари ги добива една жена што живее во Џуно, Аљаска, што си чува кокошки, сама си одгледува зеленчук и во текот на нејзината недела на пишување пешки отишла по јадење. „Сакам повеќе вакви текстови!” коментира една, а друга се вклучува со, „Најдобар текст до сега”.
Насетувате ли лов на вештерки? Жените знаат да бидат језиви една со друга. Овде се добива впечаток дека, не само што сакаме девојките да си ги средат финансиите, туку и да влезат во една просветлена форма на аскетски живот. Во меѓувреме, авторките на текстовите, без разлика колку заработуваат и колку се урбани, си ги правдаат сите навидум ирационални трошоци, како да ги молат тие од коментарите однапред за простување. Оваа со кокошките на пример, истакнала дека не фрлила ништо од храната. Депилираната адвокатка инсистира дека троши од 400 до 500 долари месечно за добротворни цели и „повеќе кон крајот на годината.”
Ова може да изгледа како долг експеримент за стереотипната женска суровост, демонстрирајќи колку строго си судат жените меѓу себе, плус да се прикаже како жените си ги презираат кариерите. Или, едноставно е само уште една секција за коментари, еднакво ненормална како и многу што сме ги виделе. Money Diaries внимава да вклучи жени со големи студентски долгови, или хипотеки во кои учествуваат, но самата колумна сепак постои во еден удобен, урбан меур. Лесно е да се третираат финансиските ситуации на младите како забава кога се сè уште на иста сметка со родителите. А сепак, се забележува дека стварно постои нервоза во овие текстови и коментари, и тоа особено кај младата женска популација. Миленијалките искусуваат мала културна револуција и голема економска паника во нивниот животен век. Сега, теоретски сме охрабрени да се облекуваме како сакаме, да спиеме со кого сакаме, да бираме дали сакаме да имаме деца, дали да носиме шминка, да бараме покачувања и слично – но парите се „последното табу со кое современата жена се соочува,” како што го срочува тоа Refinery29, и може да се последната арена во која што ни е дозволено да се судиме меѓу себе отворено.
Екосистемот Money Diaries е сега доволно јак, и Refinery29 сега понекогаш објавува специјални изданија. Една анкета бара одговор од жените на кого најмногу му веруваат кога се работи за финансии, а во друга се истакнува една жена која успева да јаде дури во единаесет ресторани бесплатно. Неодамна прашаа 15 авторки да објаснат што научиле од тоа што ги запишувале финансиите една недела. Повеќето беа самокритични и признаваа дека дневникот ги истакнува сите непланирани купувања што треба да ги избегнат. Неколку сепак, успеале да добијат и чувство на задоволство од ова искуство. „Водењето на дневникот ми помогна да сфатам дека имам многу причини да бидам благодарна, дека многу сум постигнала финансиски, професионално и лично во моите 30 години,” пишува една жителка од Чикаго што заработува 56.000 долари годишно. Дури ни во коментарите не успеаа да и се натнат и да ја критикуваат за ова.
Кај нас сигурно ќе најдеа начин.
Во секој случај, дали би пробале да водите дневник за финансии? Делува корисно.