
Родена е во полско аристократско семејство и уште на почетокот на Втората светска војна се појавува во Лондон со амбиција да биде корисна таму каде што е најопасно.
Работејќи за британската служба SOE, Скарбек брзо станува позната по храброст и пресметан минимализам. Мисиите ги извршувала без театар, со блескава смиреност и со повеќе осет за опкружување отколку за воена тактика. Некои од најпознатите приказни за неа - како онаа во Франција во 1944 година, кога успеала да ослободи тројца британски агенти речиси пред егзекуција - се потврдени во архивите, иако делови секогаш зависат од различни сведоштва.
Во август 1944, кога германската окупациска структура е веќе во распад, а паниката на Гестапо расте, Кристина Скaрбек прави потег што (и денес) звучи како брилјантно изведен театар.
Едни извори велат дека се појавила во локалната канцеларија на Гестапо, „мирна како да влегува по заборавен пакет во пошта“. Други опишуваат понапнато сценарио, но сите се согласуваат дека влегла сама, без оружје и без каква било официјална моќ зад себе - освен способноста да проектира апсолутен авторитет.
Таму го побарала офицерот одговорен за тројцата заробени сојузнички агенти. Ѝ дозволиле да влезе и затоа што била „совршено средена“ и зборувала француски со аристократска сигурност; некои мислат и дека Гестапо просто веќе биле во хаотична состојба и не препознале опасност.
Тука започнува една од најсмелите блeф-операции во модерната историја. Таа се претставила како внука на висок британски командант. Најшироко прифатената верзија е дека тврдeла дека е поврзана со фелдмаршалот Бернард Монтгомери, човек што веќе бил икона. Не постојат записи за точните зборови, но суштината е јасна: создава портрет на жена со директен пристап до највисокото британско раководство, некој чија закана тежи повеќе од куршум.
Потоа, со ладна логика, им го нацртала сценариото што доаѓа. „Прашање е на часови“, им рекла. „И кога ќе дојдат Британците, секој што убивал наши агенти во последен момент ќе биде третиран како воен злосторник.“ Предизвикала страв, но страв заснован на реалност. Офицерот на Гестапо многу добро ги знаел последиците од погрешна одлука во погрешен момент.
Скарбек потоа умерено, но пресметливо, му понудила и „помека патека“. Ако, случајно ги ослободи агентите и ако постои досие што сведочи дека „покажал милост“ - можеби, можеби, ќе може да се повика на таа одлука кога ќе се дели правдата по ослободувањето.
Не се знае дали офицерот навистина ѝ поверувал. Можно е да ѝ поверувал делумно, возможно е воопшто не - но математиката била очигледна. Ако ги убие агентите неколку часа пред да пристигнат ослободителите, ќе мора да објаснува пред трибунал. Ако ги ослободи, можеби ќе преживее.
Неколку часа пред закажаната егзекуција, затворениците биле пуштени.
Ова не била единствена ситуација во која импровизацијата ѝ спасила живот - нејзин и туѓ. Некои извори, на пример, опишуваат како еднаш во Унгарија се извлекла од испрашување глумејќи симптоми кои стражарите не сакале да ги допрат. Други сведоштва го нагласуваат нејзиниот талент да се движи низ окупирани територии скоро незабележливо.
И покрај подвизите, по војната нејзиниот живот станува тивок, па дури и мрачен. Била одликувана со медали, но не добила социјална сигурност - работела во продавници, на бродови, низ ситни и нестабилни работни места. На крајот, во Лондон ја убил маж кој, според полициските извештаи, бил опседнат со неа и не можел да прифати одбивање.
Нејзиното наследство со децении било во маргините на историските книги. Некои биографи тврдат дека била инспирација за Веспер Линд во романите на Иан Флеминг, но тоа останува на ниво на претпоставка, не официјална потврда. Сигурно е само дека Флеминг ја познавал.
Во време кога умешноста на војувањето се мерела со ранг и униформа, брилијантната Кристина Скарбек војувала огромни победи со навидум мали гестови и само врз основа на сопствената врвна интелигенција.
Ете сега ја знаеме.