Што ако на сиромашен уметник му дадеш 1000 долари месечно, без да мора да ги правда?

Иако вештачката интелигенција прави сите да мислат дека можат да создадат слики, музика и текст, истата таа технологија сè повеќе го отежнува животот на луѓето кои традиционално го работат сето тоа, без скратени патчиња.

Фотограф кој порано бил ангажиран за рекламни кампањи сега се натпреварува со дела создадени од ВИ алатки како Midjourney. Писател кој дополнително заработувал како технички автор, гледа неговата работа се заменува со неколку барања напишани во ChatGPT.

Којзнае до кај ќе се тера со таа промена - и токму оваа неизвесност ја враќа идејата за гарантиран приход како сè пореална политичка опција за креативните работници.

На пример, во Њујорк, беше спроведена една од најголемите програми за основен приход за уметници во историјата на САД - иницијативата Guaranteed Income for Artists. Програмата обезбеди по 1.000 долари месечно за 2.400 уметници низ сојузната држава Њујорк, почнувајќи од јуни 2022 година.

Парите се исплаќале без работни услови и без ограничувања за тоа како смеат да се трошат. Целта била да се зголеми финансиската стабилност на уметниците и да се промени начинот на кој општеството ги гледа - не како хобисти, туку како работници што заслужуваат стабилен приход и социјална поддршка. Главниот заклучок од пограмата е релативно јасен: уметниците не престанале да работат. Напротив - почнале да го менуваат типот на работа на која го посветуваат времето.

Уметниците често носат одлуки кои не се вклопуваат во класичните економски модели, кои претпоставуваат дека луѓето секогаш ќе ја следат повисоката плата и ќе ја балансираат работата со слободното време. Во пракса, многу уметници остануваат во слабо платени и нестабилно-креативни работни места, дури и кога постојат подобро платени алтернативи. Економистите ова одамна го опишуваат како „work-preference“ модел - односно идеја дека уметниците добиваат вредност од самата работа, а не само од платата.

Оваа програма за гарантиран приход, наменета за уметници со пониски приходи, овозможува увид во тоа како финансискиот „бафер“ влијае на нивните избори и распределбата на работното време. Учесниците биле избрани преку лотарија, а дефиницијата за „уметник“ била широка: музичари, раскажувачи, муралисти и други креативци. Од друга страна, биле исклучени комерцијални професии од кои многу се заработува, како свадбени фотографи.

За потребите на истражувањето, времето на работа било поделено на „уметничка/културна практика“, „друга уметничка работа“ и „не-уметничка работа“. Во случајот, не морало да значи платена активност - туку и време посветено на лични креативни проекти. 

Резултатите ја потврдиле теоријата: уметниците кои добивале месечен приход поминувале околу 3,9 часа повеќе неделно на уметничка работа, и околу 2,4 часа помалку на не-уметничка работа.

Критичарите на вакви програми често тврдат дека луѓето ќе станат помалку мотивирани да работат, но иако просто како да сакаат да имаат право, тоа едноставно не се случува. Уметниците во случајов го пренасочиле своето време од работи што ги правеле за преживување кон креативна работа што ја претпочитаат.

Е сега, ефектите врз заработката биле посложени на крај.

Уметниците што добивале средства заработувале помалку од не-уметничко работење, што е логично бидејќи ја намалиле таа активност. Но вкупниот годишен приход од сите извори паднал во просек за околу 11.600 долари - речиси колку што изнесувал и самиот годишен трансфер од 12.000 долари.

Сепак, истражувачите не можат со сигурност да тврдат дека програмата директно го „намалила“ приходот. Приходите на уметниците се природно нестабилни - неколку договори, откажувања или продажби можат значително да ја променат годишната слика. Затоа било тешко да се изолира точниот ефект.

Во суштина, програмата не го зголемила вкупниот приход, туку го прераспределила времето и финансиската зависност. Можеби им дала доволно простор на уметниците да престанат да бркаат дополнителни работи за преживување, без да ја промени драматично нивната вкупна финансиска состојба. Тоа е поинаков политички ефект од едноставно „повеќе пари = повеќе приход“. Попрецизно би било: „повеќе пари = повеќе контрола врз времето“. Овие резултати не значат дека гарантираниот приход е соодветна политика за сите - уметниците имаат специфични мотивации и често продолжуваат да создаваат дури и кога тоа не е финансиски исплатливо. Дополнително, студијата се спроведувала по пандемијата од COVID-19, во период кога културниот сектор сè уште закрепнувал, а програмата била временски ограничена.

Долгорочните ефекти остануваат непознати: дали уметниците продолжиле да создаваат повеќе уметност? Дали дополнителното време довело до нови проекти, приходи или постабилни кариери? Ова останува отворено, но можеби најважната поента е дека работата не е една црно-бела категорија.

Месечен паричен трансфер може да намали еден тип на работа, а да зголеми друг. Може да ги намали приходите од работи што луѓето ги прават за да ги платат сметките, но истовремено да ослободи време за работа што е значајна, креативна или лично одржлива. За уметниците во оваа програма, 1.000 долари месечно не значеле одмор или неработење, туку време за работа што тие ја сметаат за поважна.

Токму таа разлика станува сè поважна во време кога дебатите за основен приход растат паралелно со развојот на вештачката интелигенција и автоматизацијата. Прашањето веќе не е само дали луѓето ќе работат, туку каква работа ќе изберат кога финансискиот притисок ќе се намали.

21 мај 2026 - 12:24