
Грејс Хартиген e една од клучните фигури на повоеното американско сликарство и дел од Њујоршката школа на апстрактниот експресионизам. Заедно со уметници како Џоан Мичел и Хелен Франкенталер, има помогнато да се обликува движење кое во историјата често се прикажува како длабоко „машко“, каде доминираат имиња како Џексон Полок и Вилем де Кунинг. Токму работата на Хартиген ја комплицира таа слика: постојано се движи меѓу стилови во време кога критичарите бараат „чистота“ на стил, и одбива да биде ставена во тесни категории за тоа што треба да биде една сликарка.
Родена е во 1922, во Њуарк, Њу Џерси, во работничко семејство. Главно сама се образувала како уметник и брзо се пробила во уметничкиот свет на Њујорк во 1950-тите, изложувајќи заедно со водечки апстрактни експресионисти. Во еден момент, МоМа во Њујорк откупува нејзина слика - Тhe Persian Jacket, и така се пробива на сцената.
Она што нас нѐ интересира од Хартиган сепак, е една нејзина идеја во контекст на уметничкиот авторитет и родовите очекувања. Таа отворено се спротивставувала на идејата дека уметничкиот „гениј“ е природно распределен. Во една од нејзините најчесто цитирани изјави, вака го формулира тоа:
„Ако си извонредно талентирана жена, вратата ти е отворена. Она за што жените се борат за правото да бидат просечни како мажите.“
Ви текнува? Не се работи само за пристап до успех, до кој историски жените се мачат да се излактаат, туку за пристап прво до нормалност. Мажите можат да бидат и просечни и да постојат во системот, или на одредена сцена. Жените морале (и уште мораат!) да бидат исклучителни само за да влезат во истиот простор.

Кариерата на Хартиген ја одразува оваа контрадикторност. Иако има постигнато значајни признанија, се соочувала со отпор од критичарите кога почнала да се враќа кон фигуративното сликарство. Во строгата естетика на апстрактниот експресионизам, отстапувањето често се толкувало како слабост, наместо како избор, но Хартиген, верувала дека сликарството мора да ја содржи и „вулгарната и живата“ страна на реалноста, и дека значењето се раѓа од конфликт, а не од чистота. Нејзината работа постојано се движи на границата меѓу апстрактното и препознатливото - градски сцени, фигури и фрагменти од американскиот живот.
Нејзиното наследство денес сè почесто се чита низ призмата на родовата критика, а нејзината мисла и нејзиното сликарство поставуваат едно едноставно, но непријатно прашање: што значи да ти биде дозволено да бидеш просечен, да грешиш и да продолжиш - без да исчезнеш од историјата?