Психолозите предупредуваат против јавни бдеења баш како тоа за Џејсон Ардеј

Луѓето кои размислуваат за самоубиство фантазираат за баш за такво јавно прогласување за маченик какво што имаше за професорот од Кембриџ, кој се самоуби после огромен притисок од јавноста и академската фела.

Самоубиството е разорна трагедија која остава трајна болка кај блиските, но последиците може да бидат и пошироки. Познат е феноменот на „суицидална зараза“ - појава при која едно самоубиство може да поттикне други, особено кога смртта е романтизирана или претставена како херојски чин.

Овој ризик е познат со векови. По објавувањето на Страдањата на младиот Вертер од Гете во 1774 година, се појавиле еден куп имитатори - феноменот подоцна станал познат како „Вертеров ефект“.

Токму затоа, во 1989 година американски психијатри, психолози, експерти за јавно здравје и новинари формулирале препораки за одговорно известување. Меѓу нив било предупредувањето дека луѓето кои починале со самоубиство не треба да се глорифицираат, а самоубиството не треба да се претставува како начин за постигнување одредена цел.

Од оваа перспектива, бдеењето за Џејсон Ардеј на Трафалгар сквер во Лондон беше сериозно проблематично.

Настанот, во организација на „Stand Up To Racism“, требаше му направи чест на Ардеј и да укаже дека расизмот е сѐ уште проблем. Но илјадниците присутни, цвеќето, говорите и транспарентите со пораки како „Почивај во моќ, професоре Џејсон Ардеј“ создадоа слика која можеше да се протолкува како митологизација на неговата смрт. Ардеј беше претставен како жртва, па дури и како маченик, додека Нејтан Кофнас, истражувач (со свои проблематични изјави) кој укажа на плагијатот во неговата работа, беше јавно исвиркан.

Зошто е ова опасно? Е па, луѓето кои размислуваат за самоубиство понекогаш фантазираат за тоа како ќе бидат оплакувани, ценети и возвишени по смртта - како оние што ги повредиле конечно ќе зажалат и целиот свет ќе сфати колку вределе и ова не е само теоретски ризик. По смртта на Курт Кобејн во 1994 година, медиумите и институциите за јавно здравје намерно избегнувале да го претстават неговото самоубиство како херојски чин, па очекуваниот бран на имитации не се случил, иако значително се зголемиле повиците до кризните линии.

Спротивен пример е смртта на Робин Вилијамс во 2014 година, по која едно истражување подоцна регистрирало 1.841 самоубиство повеќе од она што статистиката можела да го предвиди во САД во периодот август–декември. Тоа не докажува дека смртта на Вилијамс ги предизвикала тие случаи, но резултатите се доволно сериозни за да покажат зошто начинот на кој се зборува за самоубиството е важен.

Случајот со Ардеј дополнително се вклопи во веќе поларизирана јавна дебата за академијата, новинарството, расизмот и политиките на различност и инклузија, но неговата смрт не треба да се сведува на едноставна приказна во која критиките кон него го довеле до самоубиство. Не можеме да знаеме што се случувало во неговите последни моменти и самоубиството речиси никогаш нема една единствена причина.

Она што треба да остане по една ваква смрт е сериозност, а не митологизација - да се жали, да се зборува за животот на човекот и за луѓето што ги оставил зад себе, но и отворено да се зборува за самоубиството и за психичката болка што може да доведе до него.

Уште за Џејсон Ардеј:

Подемот и падот на лажливиот професор од Кембриџ

Од плукање по западнотo образовaние до доцент на Кембриџ

За смртта на професорот кого Кембриџ нејќеше да го провери

31 август 2026 - 00:00