Од плукање по западнотo образовaние до доцент на Кембриџ

Фијаското со плагијатот на Џејсон Ардеј не е единствениот сериозен удар врз угледот на Универзитетот во Кембриџ. За доцент на истиот факултет за образование е поставена поранешна следбеничка на забранета терористичка група, која отворено го отфрлала западниот образовен систем, дури и природните науки, затоа што наводно биле насочени против Исламот.

Како поранешна симпатизерка на радикалната политичка организација Хизб ут Тахрир, доцентката Фара Ахмед, ги осудувала демократијата и западното образование како закана за муслиманските учења и вредности. Хизб ут Тахрир во 2024 година во Британија е прогласена за терористичка организација. Припадност кон групата, организирање состаноци или носење нејзини симболи повлекува максимална казна од 14 години затвор.

Обидите на училиштата да ги интегрираат муслиманските деца имаат за цел да создадат нови генерации што го отфрлаат исламот. Ако општеството е изградено врз „куфр“ (неверство), наша должност е како заедница да се соочиме со овој предизвик за да ги заштитиме нашите млади од него, напишала Ахмед во 2002 година во памфлетот „Образование и идентитет“ на Хизб ут-Тахрир.

Таа ги напаѓа британските училишта поради тоа што поучуваат дека „полигамијата или бракот пред 16-годишна возраст се архаични и дискриминирачки кон жените“ или затоа што поучуваат дека демократијата е единствениот начин на кој треба да се носат законите.

Демократијата, вели таа, е корумпирана традиција во која никој не може ништо да направи ако носителите на одлуки одлучат да го легализираат бомбардирањето на Ирак или хомосексуалноста.

Ниту академското изучување на предмети не е поштедено од критиките на Ахмед. Англискиот јазик, според неа, е „еден од најштетните предмети“.

Бајките одразуваат секуларни и неморални верувања кои се во спротивност со гледиштето на Исламот... „Ромео и Јулија“ промовира непослушност кон родителите и предбрачни односи, предупредувала Ахмед како следбеничка на радикалната исламистичка група.

Таа ги оспорува и природните науки, бидејќи со изучувањето на еволуцијата, муслиманските деца се изложени на идеи спротивни на Исламот. За неа проблематично е дури и тоа што момчињата и девојчињата заедно се дружат на игралиште.

Како муслимански родители, се обидуваме да ги заштитиме нашите деца од ѓубрето што го поттикнува западното општество, но интеракцијата со немуслимански деца на игралиштето, кое е преполно со натпреварувачки дух и индивидуализaм поттикнати од западната култура, ги обликува нивните личности подалеку од исламот, забележала доцентката.

Ахмед во 2010 година се огради од организацијата Хизб ут Тахрир и изјави дека повеќе не се согласува со нејзините ставови. Таа сега е одговорна за постдипломски истражувања во областа на образованието на еден од водечките британски универзитети, како и за подучување на студентите од додипломските студии за тоа „како образованието ги обликува поединците и општеството“.

Покрај тоа што е доцентка, Ахмед е и директорка на организацијата „Заедница за учење на исламски едукатори“, која е дел од програмата на Кембриџ за размена на истражувачки наставници. 

Во декември 2023 година, Ахмед и Кембриџ организирале конференција на која се промовирало „отфрлање на конвенционалното образование на наставници и чекори кон развој на наставници втемелен на исламските начела“. Секуларниот неолиберален образовен систем бил критикуван како „антиметафизички“ и било истакнато дека наставниците треба повторно да го насочат вниманието на муслиманските ученици кон „ахира“ - вечниот живот по смртта.

******
Види и: Подемот и падот на лажливиот професор од Кембриџ

13 август 2026 - 12:03