Подемот и падот на лажливиот професор од Кембриџ

Џејсон Ардеј стекна светска слава кога беше назначен за најмладиот црн професор во историјата на Универзитетот во Кембриџ. Сега поднесе оставка поради плагијат на докторатот. Факултетите се уловиле на неговата приказна дека научил да пишува на 18 години, а на 30 веќе докторирал, па го промовирале како успешен пример за „различност“ без да проверат дали можеби ги лажел.

Успешната приказна на Џејсон Ардеј беше нашироко промовирана како инспиративен пример за надминување на тешкотиите во животот. Роден во семејство на имигранти од Гана во Лондон, на возраст од три години му биле дијагностицирани аутизам и потешкотии во развојот. Лекарите дури предвидувале дека ќе му биде потребна поддршка во целиот живот. Проговорил на возраст од 12 години, а научил да чита на 18. Така, барем, тврди самиот.

Тоа не го спречило да ги стигне врсниците во образованието. Дипломирал на возраст од 23 години и магистрирал педагогија и образование, со што се квалификувал за наставник, но продолжил да напредува и докторирал образование во 2015 година на Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул. Откако имал разни улоги на неколку високообразовни институции во Британија, на возраст од 35 години станал професор на Универзитетот на Глазгов – еден од најмладите со таква титула низ целата земја.

За вундеркиндот се заинтересирал Кембриџ, една од најпрестижните образовни институции во историјата, па во 2023 година, на негова возраст од 37 години, му ја доверил престижната професорска катедра по социологија на образование.

Тука завршува метеорскиот подем и почнува стрмоглавиот пад на Ардеј. Во средата поднесе оставка на функцијата професор во Кембриџ откако беше потврдено дека неговиот докторски труд бил плагијат. Позајмил повеќе од сто пасуси од теза на друг докторант шест години претходно. Универзитетот „Џон Мурс“, каде што докторирал, соопшти дека не утврдил намерен плагијат.

Како причина за оставката, Ардеј ги наведе медиумската изложеност, јавните обвинувања и личниот притисок, кои оставиле сериозни последици врз него и неговото семејство. 

Британски медиуми открија дека тој измислувал многу епизоди од кариерата и од животот воопшто, а универзитетите, вклучувајќи го и Кембриџ, не се потрудиле да ги проверат неговите приказни.  Тоа ја поттикна тезата дека единствената причина поради која луѓето му верувале е тоа што елитата настојувала да го промовира како „шампион на разновидноста“.

Наспроти отказот од Кембриџ, Ардеј на 11 август ќе ја промовира неговата биографија „Great and Unfortunate Things“. Планирана како лично сведоштво за метеорскиот успех, книгата привлекува внимание како возбудлива фикција која се споредува со подвизите на баронот „Минхаузен“ од книгата на А. Д. Мунд.

  • Истрчал 30 маратони за 35 дена, со скршена нога: Ова Ардеј веќе го изјави во бројни интервјуа и јавни настапи. Целта му била да собере средства за хуманитарни организации. Истакнува дека од замор добил епилептичен напад и паднал, при што му напукнала коска на ногата. Сепак, собрал сили, продолжил да трча и ги завршил останатите маратони.
  • Истрчал 600 милји (скоро 1.000 километри) за шест дена: Подоцна објаснил дека овој подвиг го завршил за 12 дена – 6 дена трчал и 6 се одморал. 
  • Истрчал 300 милји за три дена: Ова тврдење подоцна било избришано од неколку официјални профили.
  • Собрал повеќе од 5 милиони фунти за 80 хуманитарни организации: Подоцна појаснил дека не ги собрал лично, туку бил дел од организации што ја собрале таа сума во изминатите 20 години.

Единствено е потврдено дека Ардеј навистина го носел олимпискиот факел пред отворањето на Игрите во Лондон во 2012 година.

8 август 2026 - 12:04