
Детето го пративме во школо, мама плаче, тато слика, баба се јавува да праша дали плачел, а малиот после три дена сфати дека ова не е никаков „нов почеток“, туку установа во која што ќе мора да доаѓа во следните дванаесет години. И сега почнува многу посериозна фаза на образование.
Родителска Вибер или Ватсап група.
Не сум родител.
Не сум значи, ни член на тие групи, ама луѓе што ми се блиски - се, и низ годините ми имаат покажано доволно материјал да знам дека, ако имам дете, на првиот родителски состанок би прашал: „Може ли детето да се школува, а јас да не морам да ги запознаам останатите родители?“
Затоа што, детето во школо оди по знаење. Родителот оди на Вибер или Ватсап и таму нема милост.
Учителката во 17:03 пишува: „Почитувани, утре децата треба да донесат тетратка по природа.“ И си оди. Жената си кажала сè што треба да се каже. Тетратка. По природа. Утре. Четири зборови кои до 22 часот ќе произведат уште 146 пораки.
„Фала.“
„Фала.“
„Фала, учителке.“
„Фала многу.“
„Фала од срце.“
Наредната не сака да излезе ладна, па ќе стави цвеќенце. После неа лајк. После неа се јавува уште една,
„дури сега гледам. Фала.“
НИКОГО НЕ ГО БОЛИ КУРАЦ КОГА СИ ВИДЕЛА.
Учителката не објави повик за трансплантација на бубрег. Рече да се донесе тетратка. Но, родителот не може само да ја прими информацијата. Мора да потврди дека информацијата постои, дека ја примил, разбрал, емотивно ја обработил и се заблагодарил на испраќачот што го известил дека на неговото дете утре му треба парче хартија во корици.
Ако после нуклеарна војна се пронајде школската родителска група, ќе мислат дека „Фала“ е некој вид молитва.
И имаш нова порака во 19:14.
„Знае ли некој која тетратка?“
ПО ПРИРОДА, ЈЕБОТЕ.
Пишува четири сантиметри над ова. Ама не може така едноставно.
„Голема?“
„Ние имаме мала.“
„Нам учителката ни рече голема.“
„Кога рече?“
„Минатата недела.“
„Мој Тони вика дека може мала.“
Е, сега го имаме Тони.
Тони има седум години, вчера ја оставил јакната во школо, не знае каде му е острилката, ама од 19:22 станува релевантен извор за наставниот програм на Министерството за образование. „Мој Тони вика дека...“
Тони вика дека нема задача. Тони вика дека не требаат темперни. Тони вика дека учителката не кажала. Тони вика дека утре немаат час. Тони вика дека може да се донесе која било тетратка.
Тони, јебем ти сунце, ти не ни знаеш кој датум е денес.
И тогаш, некој губи дуксер.
„Ве молам, некој да не го земал сивиот дуксер на Лука случајно?“
И почнува истрага.
„Ние не сме.“
„Ни ние.“
„Не е кај нас.“
„Ја проверив торбата.“
„Не е кај Ника.“
Чудесно. Дваесет и осум луѓе само што дадоа алиби за исчезнувањето на детски дуксер од дванаесет евра. Фали само еден татко да напише „Од 12:15 до 13:13 бевме со сопругата во Лидл, што ќе се потврди и од камерите.“
И тогаш, се јавуа една:
„Ние имаме еден сив, ама не е на Лука.“
ФАЛА, ГОРДАНА.
Баш таа информација ни фалеше. Ако некогаш снема црвен голф, Гордана ќе јави дека тие имаат бела Шкода.
Но најубавото кај школската група е што школото во неа трае отприлика седум минути. После тоа групата сама си наоѓа свој пат и веќе никој жив не може да ја врати на темата.
Некој прашува:
„Треба ли утре да донесеме костени за ликовно?“
„Треба.“
„Од каде најдовте костени?“
„Ние вчера бевме во шума.“
„Која?“
„На Водно.“
„Таму уште ја работат улицата?“
И ЕТЕ ГО.
Костените се мртви. Сега зборуваме за улицата.
„Работат, катастрофа.“
„Ма оваа држава е катастрофа.“
„Само крпат.“
„А данок знаат да земат.“
Во 19:42 на осумгодишници им требаат костени за ликовно. Во 19:51 родителите практично бараат оставка од министерот за транспорт.
Тогаш се јавува нова:
„Кога сме веќе кај улицата, знае ли некој дали утре работи технички?“
КАКОВ ТЕХНИЧКИ, ЖЕНО?
Децата лепат ебани костени на хартија.
Но Мирјана знае.
„Работи, маж ми беше минатата недела.“
„Колку е сега регистрација?“
„Не прашувај.“
И одеднаш училишната група станува АМСМ.
Регистрација, осигурување, технички, гуми.
Еден татко продава четири зимски 205/55 R16, возени две сезони, а друг прашува дали се на бандажи.
ВО ГРУПАТА НА 1-Б.
Некаде по градот, наставничката си седи дома, пие чај и нема поим дека нејзиното известување за костените само што го активирало пазарот на половни гуми.
Но групата продолжува.
Некој пишува:
„Кога сме веќе кај зимата, слушнавте ли дека од викендот заладува?“
И сега сме УХМР.
„Викаат 4 степени.“
„Ма нема.“
„Кај мене на мобилен пишува 7.“
„Кај мене 6.“
„Норвешката прогноза вели дожд.“
Секако.
Затоа што во секоја македонска група постои човек што ја следи норвешката прогноза како Норвежаните лично да стојат над Скопје со термометар во рака.
Тогаш една пишува:
„Само да не биде како лани, кога сите бевме болни.“
Готово.
Сега сме медицина.
„Нешто пак кружи.“
Што?
НЕШТО.
Тоа „нешто“ во државава кружи од 1994.
„Малово веќе кашла.“
„И моето.“
„На нас педијатарката ни рече дека е вирусно.“
„Која педијатарка?“
„Онаа новата.“
„Леле, ич не ми лежи таа.“
И тука медицината завршува, бидејќи некој пишува:
„А знаете дека се разведе?“
Е СЕГА СТИГНАВМЕ ДОМА.
Батали костени, батали тетратка, батали Тони.
ШТО СЕ СЛУЧИ СО ПЕДИЈАТАРКАТА?
„Не се разведе.“
„Се.“
„Не, маж ѝ е во Германија.“
„Веќе не е.“
„Како не е?“
„Се вратила кај него.“
„Не таа кај него, туку тој кај неа.“
„Ма тој има друга.“
И сега 32 родители кои пред еден час не знаеле која тетратка треба да ја понесе нивното сопствено дете утре, точно знаат со кого спие мажот на педијатарката.
Такви сме.
Не знаеме што има за домашна нашето дете, ама знаеме дека мажот на докторката бил виден со плавуша кај бензинска.
Во 22:06 конечно се јавува администраторот:
„Ве молам групата да се користи исклучиво за информации поврзани со училиштето.“
И настанува тишина.
Две минути.
Потоа почнува:
„Се согласувам.“
„Така е.“
„Потпишувам.“
„Апсолутно.“
„И јас сум за.“
„👍“
„👏👏“
„Фала.“
И од една порака со која од луѓето се бара ДА ПРЕСТАНАТ ДА ПИШУВААТ, настануваат уште 27 пораки.
Тоа е ниво на колективна дисциплина што не би го скршил ни воен рок.
А потоа, во 22:48, кога конечно сè ќе се смири, стигнува:
„Извинете за доцната порака, знае ли некој жена што убаво прави торти? Ми треба за сабота.“
Секако дека знае.
Во 23:05 имаме седум слаткарки.
Во 23:20 две се прескапи.
Во 23:31 една наводно користи маргарин.
Во 23:44 дознаваме дека маж ѝ е коцкар.
Во 23:57 некој продава домашни јајца.
Како од тетратка по природа стигнавме до кокошки, веќе никој не знае.
А во 00:03 една мајка, која штотуку го отворила телефонот по попладневната смена, гледа 284 непрочитани пораки.
Преплашено ја отвора групата и почнува да скрола.
Тетратка. Фала. Дуксер. Костени. Водно. Регистрација. Зимски гуми. Норвежани. Вироза. Педијатарка. Прељуба. Торти. Маргарин. Коцкар. Јајца.
Се откажува по седумнаесеттата порака и пишува:
„Извинете, не стигнав сè да прочитам. Што има треба на децата утре?“
Една минута подоцна се јавува мајката на Тони:
„Тони вели дека не треба ништо.“
И групата замолчува.
Затоа што по 284 пораки, изгубен дуксер, технички преглед, четири зимски гуми, временска прогноза, една вироза, пропаднат брак, седум слаткарки и домашни јајца, последниот збор за македонскиот образовен систем повторно го има Тони.
Седум години.
Јакната сè уште му е во школо, острилката не е пронајдена, а многу веројатно ни самиот не знае што имаат утре прв час.
Но информацијата е проверена.
Тони рече.
И сите му веруваат.
(оригиналот е на хрватски, а за пораат читање, само некои термини сменивме со локални. И онака е исто.)