Зошто некои луѓе едноставно изгледаат како да имаат повеќе среќа од другите?

Некои се како родени под среќна ѕвезда. Или секогаш налетуваат на вистинската личност, или секогаш наоѓаат паркинг, добиваат неочекувани добри прилики, се наоѓаат баш таму кај што треба и баш тогаш кога треба... Што ако ова се должи на лесно објаснива психологија?

Британскиот психолог Ричард Вајсман со години го проучувал токму ова. Во неговото истражување учествувале повеќе од 400 луѓе кои имале изразено мислење за тоа колку се среќни или несреќни. И еден од експериментите денес звучи како научничка шега.

На сите им бил даден весник со едноставна задача: да избројат колку фотографии има во него.

Луѓето кои се сметале за несреќни во просек поминувале околу две минути броејќи. Оние кои се сметале за среќни ја завршувале задачата за само неколку секунди.

Зошто толку голема разлика?

Е па, на втората страница, со огромни букви и преку половина страница, пишувало дека нема потреба да продолжат со броењето бидејќи во весникот има точно 43 фотографии. Пораката практично им била пред очи. Но, оние што биле фокусирани исклучиво на задачата продолжувале да бројат.

Вајсман потоа поставил уште една порака: кој ќе ја забележи и ќе му каже на истражувачот, ќе добие парична награда. И повторно, луѓето кои се сметале за „несреќни“ почесто ја пропуштале шансата.

„Среќните луѓе се порелаксирани, повеќе ја гледаат пошироката слика и затоа полесно ги забележуваат можностите“, објаснува Вајсман.

Тоа не значи дека нивниот мозок буквално е „поинаку програмиран“, истражувањето не било невролошка студија. Но, покажало нешто интересно за вниманието: кога сме напнати, анксиозни или премногу фиксирани на една цел, нашето внимание може да се стесни. Го гледаме токму она што сме решиле да го бараме - и можеме да го пропуштиме она што се случува веднаш покрај нас.

Спротивно на тоа, луѓето кои се сметаат за среќни почесто биле отворени кон неочекуваното. Вајсман забележал и дека почесто внесувале разновидност во секојдневието, разговарале со нови луѓе и не се држеле толку строго до однапред утврдени планови.

Можеби токму тука лежи малата, но важна разлика меѓу  да имаш и да немаш среќа - не можеме да контролираме што ќе ни се случи, но, можеме да внимаваме на што всушност внимаваме. 

Патем, ако се нервирате дека нешто не ви оди од рака, помислете на извесна Морин Вилкокс, која во 1980 купила лото ливчиња и за лотаријата во Масачусетс и Роуд Ајленд. И успеала да ги избере победничките бројки и за двете лотарии, со тоа што бројките што ги избрала за Роуд Ајленд се појавиле во Масачусетс, а тие од ливчето за Масачусетс ги извлекле во Роуд Ајленд.

15 септември 2026 - 00:00