Како да се спасиме од луѓе што не знаат да прават муабет

И тоа не оние што ќутат и не придонесуваат, туку со поглупите: Тие што држат монолог на секоја средба, тие што те прекинуваат додека ти зборуваш и тие што кукаат и те посипуваат со трауми, за после седум саати да речат „еј, а бе те удавив, ти кажи што правиш.“

Како што поминуваат годините, така станува сè појасно колку сме опкружени со луѓе што не знаат како се води разговор. Одиш на едно кафе - другар ти што не си го видел одамна што седнува, нарачува и почнува. Одиш на друго - тука те чека човекот што ти поставува прашања исклучиво за да може, откако ќе те пушти да кажеш два збора - он да си каже. На трето кафе - другарката на која сè ѝ се случува и на работа, и во бракот, и со детето, и во депресија е, ама не е, ама ќе оди на одмор, ама скарана е со брат ѝ, ама има проблем со тироидна, па еве по доктори...

И тебе веќе не ти се оди на кафе. Не ти се оди на ниедно единствено кафе, ни пијачка, ни ни ручек, ти е страв и до банка да отидеш, да не се најде некој од работа, метафорички да те фати за врат, да се обеси таму, да виси и да ти раскажува приказни што никој, па ни неговите дома не го интересираат.

Како може човек да се спаси од ваквите напори од луѓе?

Најлесно е да не се излегува од дома. Ама па, треба социјализација, мора и на работа да се оди, мора и на по некој настан. Ај, прво да научиме да ги препознаеме.

Тој со сериските монолози
Овој отров, како што спомнавме на почеток, е главен на секоја маса и мисли дека луѓето, се дојдени него да го слушаат. Не се знае од каде му е таа идеја. Не само што е проблем фактот што смета дека треба да доминира со секој разговор, туку и темите што ги бира се незанимливи за присутните. 

Овде психолозите сметаат дека е и наша одговорност да ја промениме ситуацијата. Можеш да го почекаш да каже нешто, па да се надоврзеш и или да ја смениш темата, или да настапиш со твоја (ако си нормален - кратка) приказна или мислење на таа тема. Ем да пробаш да ја спасиш средбата, ем да не стоиш туку така, како невина жртва на нечие его.

Тој со траумите
И него или неа ги спомнавме погоре - сè им е, или им е истото со години, и секоја средба, или малку подолг разговор се навраќаат - колку им е тешко, како се снаоѓаат, како НЕ се снаоѓаат - сето ова како само тие да имаат проблеми од работа до дома, како само тие да имаат деца, како само тие да пијат апчиња за притисок и да имаат непослушни родители.

Ова се избегнува. Или се трудиш да менуваш тема. Или, ако е близок и сакаш да го продолжиш односот, му кажуваш искрено - понекогаш, јави ми се и кога ти се случува нешто убаво, ме интересираат и тие делови од твојот живот.

Тој со бумеранг-прашањата
Бумеранг-прашање е кога прашањето служи исклучиво да може тој што прашува да го врати вниманието кон себе и да си го одговори. Се граничи и со прашање-фалба, што од прилика изгледа вака:

Што правеше викендов?

Ништо, по дома, по двор нешо...

Јас бев во Париз, да шетнеме малку, да избегаме од градов, и...

Значи - те прашува што си правел, за да може да си каже од неговото, што е побитно, најбитно и најинтересно.

На овие им се враќа на ист начин - ти им поставуваш бумеранг-прашање и гледаш како се мачат.

Тој што те прекинува
Понекогаш ти треба некој да те ислуша, или да те дослуша, ако ништо друго, а од другата страна имаш човек со агресивни мислења и совети што не дозволува да се доискажеш туку почнува:

Си пробал со хроно?

Леле, јас никогаш не би можела тоа.

А зошто не нарачаш од некаде, да ти стигне во Белград и после...

И најглупото:

А, да видиш мене кога ми се деси...

И толку, што и да имаш да кажеш, замира на половина реченица затоа што е тој на ред и е секогаш на ред.

Сепак, ова се често најмалите престапници, затоа што прекинувањето знае да биде и со најдобра намера - да скокне со совет, со идеја, со реакција што во основа е поддршка за тебе... Освен тие што сакаат некако да прекинеш, за да можат своето да го раскажат.

Бирајте - ќе им кажете да не ве прекинуваат, ќе се навикнете, или ќе престанете да им се доверувате. Зависи од „престапот“.

Тој со предавањата
Овој формат на соговорник секоја прилика ја користи да го претвори разговорот во обемно предавање за каузи - екологија, војни, политика, достигнувања... Некогаш е од желба навистина да го подобри светот, ама често е и само желба да дознаат другите колку е морално повисоко од нив. Има еден збор за ваквите - досадни. Можеш да споделиш информација, нешто од корист, нешто што сметаш дека соговорникот може да го прими - ама не и да го начекаш пред супермаркет, значајно да го прашаш како е, за да добиеш прилика да му се насукаш со бројки за нешто што не го интересира.

А, ако се препознавте во некое од овие - честито, имате свест и имате работа: Да им надоместите на тие што сте ги малтретирале со часови и денови и да се обидете да научите како се одржува културен разговор.

За редовните жртви - запрашајте се дали воопшто добивате нешто од средбите со досадните луѓе на кои од инерција и од незгодно одите.

За останатите - Во гужва сум, ќе те барам. За некоја година. Можеби. Најверојатно не.

14 септември 2026 - 11:20