За Семе Синапово, Bukovski citati и Balasevic citati некогаш друг пат. Што е со најголемите заблуди во врска со изјави на Ворхол, Пикасо и Фрида Кало?
„После работа не излегов,” пишува Енди Ворхол во неговиот дневник на 27-ми јули, 1978-ма.
„Гледав 20/20 и наместо да рече ‘Во иднината, сите ќе бидат славни по 15 минути,’ беше многу смешно што Хју Даунс рече ‘Како што кажа Енди Ворхол еднаш, за 15 минути сите ќе бидат славни.’ Луѓето на телевизија обавезно нешто грешат – ‘во иднината 15 луѓе ќе бидат славни’.”
Познато? Тоа недочитување, таа недоволна заинтересираност да запамтиш нешто онака како што е кажано не е само од денес и навиката вестите да ги добиваме во 140 карактери. Ако сме реални, овој Даунс барем го погодил уметникот. А денес на интернет врие од урамени цитати, па на перници, па на шолји за кафе, на табли на Пинтерест и по продавници на Етси. И некои од нив не ги кажале луѓето чие што име стои на истата таа шолја.
Некои проблеми се случуваат инстантно, а некои еволуираат со генерации. На пример, во една колекција есеи од 1920-та, Т. С. Елиот смислува верзија на една денешна иконска максима: „Незрелите поети имитираат, зрелите крадат.” Други ликови што ги потпишуваат под слични изјави се рускиот пијанист Игор Стравински, модифициано за музичари: „Добар композитор не имитира, туку краде”, а слична варијанта му калемат и на Фокнер. Но Стив Џобс е всушност човекот што го прикачи Пикасо на овој афоризам во 1980-тите.
И тоа не е единственот погрешно припишан цитат на Пикасо. Во 1952-ра, еден колумнист за Вашингтон Пост пишува дека париските весници се преполни со наслови за едно сензационално признание запишано во студиото на Пикасо. Славниот уметник наводно признал дека, „немајќи храброст да се смета за уметник во онаа грандиозна и античка смисла,” се сметал само за забавувач кој го разбира своето време.”
Но, ова интервју е всушност производ на еден сатиричен роман на Џовани Папини, напишан во 1931-ва, чиј што главен лик Гог е измислен полу-хавајски бизнис тајкун кој се шета низ светот интервјуирајќи ликови како Хитлер, Ганди, Хенри Форд, и нели – Пикасо. И откако се заебаа париските весници и Вашингтон Пост, цитатот легитимно стигна и до Гардијан и ЛАЈФ.
Ван Гог највеќе поддршка добивал од брат му Тео, кој го поддржувал цел живот низ сите негови епизоди. Браќата размениле повеќе од 900 писма меѓу 1872-ра и 1890-та и во нив се наоѓаат некои од најпознатите цитати што денес му се припишуваат на Ван Гог: „Секогаш правам тоа што не знам, ама за да научам како”, „Големите работи не се прават импулсивно, туку со серија мали работи што се поклопуваат”, „Нема ништо поуметничко од тоа да се сакаат луѓето” и конечно, на 2-ри октомври, 1884-та, „Повеќе би сакал да умрам од страст отколку од здодевност.” И тука има само еден проблем. Непосредно пред писмото, Ван Гог ја прочитал Au Bonheur des Dames и овде го цитира Емил Зола. Тео ова го знаел. Никако да го дознаат сите што купуваат рамка со цитатов за 20-тина долари.
Ребека Кетрин Мартин имала 15 години кога измислила еден од, замислете, најпознатите цитати на Фрида Кало. За некој вебсајт, што објавувал анонимни изјави на сликички, на слика од Фрида Кало испечатила своја некоја мудрост и ја пратила, без никаква намера да направи фалсификат.
Интернетот толку брзо се воодушевува од сликата во комбинација со цитатот, што на никој не му текнува (а и од каде начин?) да провери. Ребека вели: „Не можам да ги симнувам тие мемиња од интернет едно по едно. Погрешно сте сфатиле, тоа што МИСЛИТЕ дека Кало го кажува е напишано од една тупа тинејџерка од Маркам, Онтарио”. Десет години подоцна, можете да си нарачате постер со ова за 10 долари.
Или, како што ќе каже Јосип Броз во една прилика, „еден google search нè дели од вистината.”