
Една од најчестите причини е всушност едноставна: производот не се продава доволно брзо во однос на просторот што го зазема на полицата. Во малопродажбата, особено во големите козметички синџири, секој сантиметар полица се третира како економска единица и се мери таканаречен revenue per centimeter - приход по должина на изложен простор. Во пракса, ако еден кармин продава околу 200 парчиња месечно, а соседниот кармин достигнува 2.000, разликата станува критична. Брендот или конкретната нијанса што има послаби резултати едноставно се повлекува за да направи место за поисплатливата опција.
Втората голема причина доаѓа од нешто уште поневидливо за потрошувачите: синџирот на снабдување. Козметичките производи зависат од низа компоненти - пигменти, амбалажа, конзерванси и активни состојки. Ако само една од овие компоненти стане недостапна, целиот производ може да биде доведен во прашање. А се случува, на пример, ако одреден пигмент биде повлечен од производство, ако се укине механизам што е специфичен за амбалажата, или ако регулаторни тела забранат одредена состојка. Понекогаш проблемот е уште поочигледен - затворање на фабрика во една земја може да влијае на десетици брендови истовремено, дури и на глобално ниво.
Трет фактор е влијанието на самите трговци. Големи малопродажни синџири како Sephora редовно вршат селекција на асортиманот и во одредени периоди, од брендовите се бара да го намалат бројот на производи. Тоа значи дека последните, најслабо продавани или најмалку стратешки важни производи едноставно се повлекуваат од понудата, без разлика дали постои лојална публика за нив.

Четвртата причина е можеби најкарактеристична за денешниот пазар: драматично скратен животен циклус на производите. Додека порано успешен козметички производ можеше да остане релевантен три до пет години, денес тој период често се сведува на само неколку месеци. Брзината на трендовите, особено на платформи како ТикТок, создава постојан притисок за ново и ново. Производите мора да станат вирални брзо, но исто така брзо и исчезнуваат кога вниманието на публиката се префрла на нешто ново. Во ваков контекст, козметичките производи сè поретко се дизајнираат како долгорочни „институции“, а сè почесто како привремени одговори на трендови.
Ете така - знаеме дека е страшно кога исчезнуваат омилени производи, ама уште потажно е што не исчезнуваат од неквалитет, туку во зависност од тоа како се вклопиле (или не се вклопиле) во многу поголем и побрз систем што ретко го гледаме однадвор.