„Копајќи го гробот на сопствената професија“:

Холивудски креативци обучуваат вештачка интелигенција

Во Холивуд има сè помалку работа, а капак на сè, сценаристи, режисери и продуценти со награди и долгогодишно искуство прифаќаат добро платени ангажмани во кои ја учат вештачката интелигенција како да ја работи токму нивната професија.

Некои од нив заработуваат од 12 до 200 долари на час обучувајќи AI модели да пишуваат сценарија, да прават продукциски планови, да транскрибираат снимки или да подготвуваат презентации за филмски и телевизиски проекти. Работата ја нудат специјализирани компании за обука на вештачка интелигенција, кои соработуваат со гиганти како Anthropic и OpenAI.

„Ја учиме како да ни ги преземе работните места“, вели Рут Фаулер, сценаристка и продуцентка од Лос Анџелес. Авторка е на серијата Rules of the Game и ко-сценаристка на Little Disasters и почнала да работи на обука на AI откако продукцијата во индустријата драстично се намалила. Во еден од ангажманите, го обучувала моделот да направи детален распоред за снимање дводневен филмски проект - од дозволи и услови на локацијата до број на членови на екипата, следење дневна светлина и посебни потреби при ангажирање деца.

Еден документарист, пак, обучувал AI да препознава и прецизно да транскрибира говор во видеоснимки, дури и кога гласовите се мешаат со музика и бучава од публика. Требало да ги опишува и говорниците и нивните акценти, што кај дел од хонорарците отворило дополнителни етички прашања.

„Ми дадоа лопата и ми рекоа да го копам гробот на сопствената професија“, вели тој.

Проблемот не е само AI. Во Лос Анџелес бројот на денови на снимање паднал за 48 отсто меѓу 2021 и 2025 година. Во цела Америка, бројот на работни места во филмската и аудиовизуелната индустрија се намалил од 450.000 во јули 2022 на 326.000 во мај 2026 година. Пандемијата, штрајкот на сценаристите и намалените инвестиции на стриминг-компаниите оставија трага врз индустријата, а сега AI дополнително го забрзува преструктурирањето.

Сепак, не сите креативци ја гледаат технологијата како закана. Сценаристот Џоди Вилер смета дека AI сè уште има сериозни ограничувања. Според него, машините имаат уште многу „фурни леб за јадење“ додека да напишат сценарио за Оскар.

За некои, AI дури создава можности што порано не постоеле. Млади режисери користат генеративна AI за проекти кои инаку не би добиле финансирање. Други, пак, ја обучуваат технологијата едноставно за да преживеат додека чекаат традиционалните ангажмани повторно да се појават. Парадоксот е што луѓето што најдобро знаат како се создава уметност ја учат машината да ја создава и тоа додека самите се борат да најдат работа. Некои се плашат дека со тоа ја забрзуваат сопствената замена. Други сметаат дека немаат луксуз да одбијат.

„На крајот на краиштата,“ вели една сценаристка, „поважно ми беше да имам пари во банка.“

27 август 2026 - 00:00