
Ако порано сме имале хобија, денес имаме естетики. Ако на времето се викало лош период, денес се вика flop era. Кој што прави - ние упорно се трудиме да бидеме доволно интересни за некој да сака да го гледа нашиот живот. А нè има милијарди. Баш нас ли ќе не гледаат?
Порано читавме книга зошто ни се читаше, готвевме затоа што уживаме да готвиме (и бевме гладни!), имавме чудни вкусови и уникатни желби - и сето тоа постоеше, без некој да бара објаснување и да мора да види.
Според истражувачите Стoукс и Прајс, социјалните мрежи создадоа генерација која може постојано визуелно да го документира својот живот и со помош на дигиталните алатки да го конструира идентитетот на начин на кој претходно тоа никогаш не се случувало. Интернетот веќе не е само место каде што комуницираме, туку станува дел и од начинот на кој се доживуваме себеси.
Не знаеме дали е добро, или лошо тоа? Знаеме само дека ТикТок го доведе ова до ново ниво: Алгоритмот не само што ни покажува што да гледаме, туку постепено ни помага да разбереме и кои сме - Clean Girl, Balletcore, Y2K, Vanilla Girl - прво беше тренд, сега е естетика, и на крај може да стане и животен стил.
Како што забележува културната новинарка Џес Вајт, постојаното категоризирање на секое чувство и секоја карактеристика во некаков модел на личност е последица на тоа што „ги претвораме нашите животи во содржина“ и се брендираме себеси. Не е доволно да бидеме нешто. Треба да знаеме како се вика тоа нешто.
Затоа сме во нашата Fleabag Era, Villain Era, Main Character Era или, кога животот не оди баш најдобро, едноставно во Flop Era. Интернет-критичарот Расти Фостер забележува дека луѓето кои пораснале онлајн имаат „вродено разбирање дека нивното претставување на себеси е форма на создавање наратив“. Значи, нашиот живот „мора“ да има приказна. А приказната „мора“ да биде доволно интересна за споделување.
Најчудниот момент од современиот живот е што се обидуваме да бидеме автентични со исти филтри, исти естетики, исти трендови и исти начини на раскажување - и затоа сме уморни.
Затоа што сѐ што ќе фатиме да правиме мора нешто да значи. Ако не е снимено - не се десило. Ако не го видат луѓе, џабе си го правел.
Како што рековме. На-пор-но.
Затоа и звучи неверојатно - правиш нешто прејако и замисли - не го објавуваш! Дали станува бунт и панк да не бидеш in your main character era, туку едноставно - да си ја живееш прикаската?