
Наместо жените сами да се справуваат со проблемот, полициски службенички облечени во обична спортска облека трчале низ локации каде што претходно било пријавувано вознемирување, додека во близина биле распоредени тимови за поддршка, подготвени да интервенираат.
Вознемирувањето започнало речиси веднаш. Еден инспектор изјавил дека на една од службеничките ѝ свиреле со автомобилска сирена само 10 минути откако започнала со патролата. Само 30 секунди подоцна, друго возило забавило, свирело и упатило гестови кон друга службеничка.
Во текот на првиот месец биле извршени 18 апсења во рамките на полициските активности насочени кон насилството и вознемирувањето врз жени и девојки. Сепак, полицијата нагласила дека не секој случај на вознемирување завршил со апсење. Во некои случаи службениците интервенирале со предупредувања или разговори за антисоцијалното однесување, додека посериозното или повтореното однесување можело да доведе до кривично-правни последици.
Целта на операцијата не била само да се реагира на вознемирувањето, туку и да се идентификуваат и следат лица чие однесување би можело да ескалира во посериозни престапи.
Операцијата покажува колку брзо и неиспровоцирано може да се случи несаканото внимание кон жените на јавни места. И како за промена, наместо жените кои трчаат да бидат тие што треба постојано да внимаваат на својата безбедност - замислете, ги заштитила полиција.
Не, не треба жените да мораат да внимаваат. Вознемирувањето треба да биде неприфатливо и казниво.