
За извесна Тифани Тејт, моментот на освестување дошол на прв состанок со маж кој на почеток делувал сосема нормално. Разговорот, сепак, брзо се променил кога таа спомнала дека планира да купи сопствен дом.
„Ако купиш куќа, што ќе прави тогаш мажот за тебе?“ ќе праша збунетиот потенцијален дечко.
Прашањето ја оставило збунета. Тогаш имала 29 години и штотуку започнувала нов живот по преселба и нова работа.
„Не разбирам зошто тоа би било проблем,“ вели таа. „Зошто тоа што купувам дом би било нешто негативно? Нели треба да е добра работа?“
Она што започнало како ветувачки состанок, брзо се претворило во непријатна динамика. „Одеднаш се смени,“ додава таа. „Како да премина од фин и нормален човек во некој што ми вели: ќе те видам дали ќе најдеш некој подобар од мене ако си толку независна.“
Слични искуства опишуваат и други жени кои веќе поседуваат сопствен имот. Една од нив за Гардијан изјавува дека реакциите често доаѓаат веднаш штом мажите дознаат дека е сопственичка на нејзиниот стан - споделува дека веднаш стануваат дефанзивни, почнуваат да зборуваат за нивните приходи, како да треба да се изедначи некоја равенка. Во некои случаи не завршува само со непријатност, туку и напнатост - се менува енергијата, станува тензично и одеднаш се работи за натпревар, а не врска. Иако статистиките покажуваат дека сингл-жени сè почесто купуваат недвижности, експертите велат дека социјалниот контекст на оваа промена сè уште не е целосно прифатен, како да треба да прашаме некого дали му е удобно да имаме станови.

Според податоци од National Association of Realtors, жените се околу една четвртина од првите купувачи на домови во САД, додека уделот на сингл-мажи е значително помал. А зад овие бројки, удобно се крие глупоста на традиционалните очекувања за улогите во врската.
„Многу мажи доживуваат психолошки притисок кога чувствуваат дека не ја исполнуваат улогата на главниот заработувач,“ објаснува економистката д-р Џоана Сирда. „Проблемот не е само во тоа што жената поседува дом, туку во тоа што тој факт симболички ја менува динамиката.“
Психолозите додаваат дека ова може да биде поврзано со прашања на идентитет.
„Кога жената е економски посилна, некои мажи тоа го доживуваат како намалување на нивната улога во врската,“ вели професорот по психологија Ј. Јоел Вонг. „Тоа не е рационална реакција, туку емоционална интерпретација на статус и улога.“
Во пракса, тоа создава парадокс за многу жени: од една страна се охрабрувани да бидат независни, финансиски стабилни и самостојни. Од друга страна, истата таа независност понекогаш се доживува како закана во романтичен контекст. Некои се чувствуваат казнето што биле паметни и направиле сѐ како што треба - како да претерале со независност, па сега „тешко дека ќе се омажат“.
За Тифани од почетокот, оваа тензија со текот на времето станала причина да ги преиспита своите очекувања од состаноците. Денес, таа вели дека многу порано препознава знаци на непријатност кај мажите кога ќе стане збор за нејзината финансиска состојба.
„Научив да забележувам кога некој има проблем со тоа што сум самостојна,“ вели таа. „И тогаш едноставно не продолжувам понатаму.“
Просто.
Иако многу јасно дека ова не важи за сите врски и сите мажи, трендот укажува на поширока промена во односите меѓу половите, каде што економската независност веќе не е само финансиско прашање, туку и социјален сигнал што сè уште не е целосно прифатен од сите страни.