Бебидол фустаните на Оливија Родриго предизвикуваат чуден културен хаос

На кратко - возрасна жена бира да облече бебидол фустан (возрасна е, ѝ се може), а светот наместо да почне да ги става педофилите каде што им е местото, на возрасната жена ѝ вика „да не провоцира“.

Најнови вести од светот на славните: Оливија Родриго минатиот викенд носеше бебидол фустан, а интернетот реагираше како таа лично да ја разнишала моралната рамнотежа на општеството - со помош на пуф-ракави ли?

23-годишната пејачка настапи во Барселона на Billions Club Live, облечена во Generation78 топ и естетика што веќе некое време ја следи: мини фустани со „претерани“ пропорции, размачкан ајлајнер и опуштен, малку хаотичен изглед. Но наместо едноставно да кажат „не ни се допаѓа“, критиките брзо се претворија во поширока дискусија за инфантилизација, сексуализација и прашањето дали возрасни жени треба да носат фустани што потсетуваат на нешто од детски роденден во седмо одделение.

Еден корисник на трачерскиот Инстаграм профил Deuxmoi напиша: „Би сакал/а да се облекува како возрасна жена што и е. Пропорциите се чудни.“ Друг додава: „Супер ѝ е стилот на Оливија, но мора да престане со ‘пелените’.“ Некои коментари отидоа уште подалеку и во многу помрачна насока: „Ако ти се гадни Епстин и компанија, а ти се допаѓа овој фустан, имаш за размислување.“

Она што е интересно во оваа реакција е што бебидол фустанот историски никогаш не бил само симбол на „невиност“. Овој крој датира од 1942 година, кога дизајнерката Силвија Педлар го создава оригиналниот модел како одговор на воените ограничувања за ткаенини во САД. Според правилата на Одборот за воено производство, женската облека морала да користи 15% помалку материјал, па пократкиот крој бил практично решение - но резултатот - тесна и пократка силуета, многу брзо почнал да се доживува како провокативен.

Во 60-тите, модели како Твиги и Брижит Бардо го претвораат овој фустан во симбол на младост и бунт. Наместо конзервативни, средно долги силуети, одеднаш се појавуваат кратки фустани, големи очи со силна шминка, разнебитена коса и став што одбива да биде „премногу среден“. Тој изглед не претставувал само младост, туку и слобода и одбивање на строго дефинираната женственост. Потоа доаѓаат 90-тите и фигури како Кортни Лав, која бебидол фустаните ги носи во сосема поинаков контекст - искинати, со размачкана шминка и во комбинација со тешки чизми. Тука фустанот не служи за да изгледа детски, туку за да биде непријатен, бунтовен и намерно дисонантен. Riot grrrl културата го прифаќа истиот контраст: хиперженствени силуети споени со гнев, бучава и сексуалност што е целосно под женска, своја контрола.

Родриго отворено се повикува на оваа естетска линија.

„Навистина ми се допаѓа идејата за бебидол фустан. Се сеќавам кога бев помала и гледав фотографии од Кортни Лав и од riot grrrl бендови, како ги носат тие фустани и едноставно ги знаат да ги носат,“ изјави за Вог.

Во друго интервју за британски Вог рече:

„Pinterest-от ми е полн со бебидол фустани и ’70s комбинации. Сакам сè да изгледа забавно и опуштено.“

Културата од една страна им вели на жените да останат „млади“ засекогаш, но во моментот кога таа младост се прикажува премногу директно, настанува паника. А модната индустрија како да се согласува со Родриго. Брендови како Miu Miu, Ann Demeulemeester и Chloé во своите пролетни колекции за 2026 година прикажаа варијации на бебидол силуетата: набрани ракави, мини должини и намерно разместен изглед. Модата одамна ја истражува тензијата меѓу невиност и бунт, сексуалност и „чистота“ - и тоа не е ништо ново.

Сепак, реакцијата кон Родриго открива нешто подлабоко за тоа како општеството реагира на женска облека што изгледа „девојчесто“ по одредена возраст. Се очекува жените да останат младолики, но ако тоа го покажат премногу буквално, веднаш следи критика. Облечи бебидол фустан и одеднаш интернетот почнува да анализира психолошки состојби и да прашува зошто не се „облекуваш како возрасна жена“.

Интересно е што оваа паника постои паралелно со ера во која речиси целата поп-култура е опседната со голотија. На црвени теписи знаат да доминираат проѕирни фустани, а видливи гради, па и интима одамна се „ништо посебно“. Но некако, токму мини фустан со пуф ракави станува „скандал“.

Во суштина, ваквите реакции повеќе зборуваат за оние од кои излегуваат отколку за самата облека. Како што забележува еден коментар: ако веднаш гледаш сексуализација или проблем во ваков фустан, можеби не е до фустанот, туку до тебе.

Фустаните на Родриго, гледано од поголема дистанца, не изгледаат инфантилно, туку се рокенрол, малку хаотични, ненаметливи и длабоко вкоренети во модна историја. Дел се од подолга линија на женска експресија преку претерана женственост - не како потчинетост, туку како форма на контрола и бунт.

Можеби не секој краток фустан со машна е знак за „распад на општеството“. Понекогаш е само фустан. Понекогаш поп-ѕвезда едноставно сака да изгледа слатко додека пее песни за емотивна девастација. И искрено, тоа звучи прилично соодветно за нејзината возраст.

-Дина Кембел

25 мај 2026 - 21:14