Не ви се чини дека сите брендови одеднаш ни продаваат ист производ?

Ако малку повнимателно се следат бјути-трендовите, лесно се забележува една повторувачка шема: во ист период повеќе брендови лансираат речиси идентични производи. Една сезона тоа се масла за уста (на колку стотици места прочитавте lip oil?), следната серуми со пептиди, па ќе „воведат“ формули за руменило со иста кремаста текстура и речиси идентичен сјаен финиш. Однадвор изгледа како целата индустрија одеднаш колективно да дошла до истата креативна идеја. Во реалноста, процесот е многу помалку спонтан - и многу поиндустриски.

Поголемиот дел од козметичките брендови, особено оние што немаат сопствени лаборатории и производство, всушност не ги развиваат формулите самостојно. Наместо тоа, работат со contract manufacturers - производители по договор во вид на големи лаборатории и производствени центри што ја вршат вистинската техничка работа и создаваат формули. Најчесто станува збор за компании базирани во Италија, Јужна Кореја и Кина, каде постои високоразвиена инфраструктура за козметичка хемија и брзо производство. Клучниот момент е што овие лаборатории не чекаат брендот да пристигне со целосно разработена идеја. Напротив - тие самите развиваат готови формули и тренд-концепти базирани на тоа што во моментот се смета за комерцијално атрактивно. Потоа истите тие концепти им ги нудат на повеќе брендови истовремено.

Во пракса, една лабораторија може во ист квартал да испрати речиси идентичен предлог до десетина различни клиенти. На пример, стабилна lip oil формула со специфична комбинација на масла, сјај и текстура може веќе да постои како готова база во нивниот каталог. Бренд A ја купува таа формула, бренд Б добива иста верзија, а бренд В добива минимално модифицирана варијанта.

Од тој момент, разликите најчесто се случуваат на површинско ниво: нијанси, мириси, пакување, кампања и маркетиншка приказна. Еден бренд производот ќе го продава како „hydrating gloss-oil hybrid“, друг како „skincare-infused lip treatment“, трет како „clean beauty glow formula“. Техничката основа, сепак, често останува речиси идентична.

Затоа и лансирањата се случуваат во сличен временски период. Брендовите работат со исти производствени циклуси, исти лаборатории и слични рокови за развој. Од перспектива на потрошувачот изгледа како индустријата магично да открила нов тренд преку ноќ. Во пракса, тоа е истиот производствен тек што се појавува низ различни брендови истовремено.

Тоа не значи дека во индустријата нема вистинска иновација - постојат брендови што инвестираат во сопствени лаборатории, долгорочни истражувања и развој на формули од нула, но тие се исклучок, особено во сегментите каде брзината на пазарот е поважна од оригиналноста.

Важно е и да се нагласи дека самиот модел на производство по договор не е измама - напротив - станува збор за целосно легитимен глобален систем што овозможува побрзо производство, пониски трошоци и пристап до напредна козметичка технологија дури и за помали брендови. Прашањето е повеќе во начинот на кој целиот процес им се претставува на потрошувачите.

Кога маркетинг кампањите зборуваат за „двегодишен развој“, тоа не мора да значи дека формулата две години се создава од нула во лабораторија. Често станува збор за селекција, тестирање и адаптација на веќе постоечка база. И токму во таа разлика помеѓу перцепцијата и реалноста лежи најголемиот јаз.

Па затоа, кога пет различни брендови во ист месец ќе лансираат речиси идентични производи, најверојатно не станува збор за мистериозна колективна креативност. Поверојатно е дека истите неколку лаборатории ја турнале истата идеја низ индустрискиот систем - а секој бренд само ја облекол во свој визуелен и маркетиншки идентитет.

28 мај 2026 - 00:00