Финансиски експерти предупредуваат дека многумина Американци прават грешка кога во одлуката дали да изнајмат или да купат дом спојуваат две многу важни, но сосема различни прашања: каде сакаат да живеат и како сакаат да ја инвестираат животната заштеда.
„Волстрит журнал“ ја објаснува дилемата со едноставен пример: Дали да се искористат 1 милион долари за да се купи куќа, или истата куќа да се изнајмува. Купувањето го ослободува новиот сопственик од плаќање кирија и му овозможува потенцијален профит ако продолжи долгорочниот тренд на раст на цените на недвижностите.
Но, притоа се занемарува еден клучен фактор, кој економистите го нарекуваат „трошок на можност“ на капиталот. Ако милионот не се зароби за купување, останува слободен за инвестиции.
Изминатата деценија беше релативно поволна за сопствениците на домови во Америка. Според индексот „Кејс-Шилер“, цените на домовите пораснале за околу 87% од 2015 до 2025 година. Ова звучи како голема бројка.
Но, во приближно истиот период, индексот S&P 500 – кој воопшто не е ризична инвестиција – пораснал за околу 235%, не сметајќи ги дивидендите. Иако овие бројки не се директно споредливи, дури и во периоди на силен раст на цените на недвижностите, исплатливоста на купувањето може да биде сосема просечна.
Причината поради која повеќето луѓе сепак го сметаат купувањето за подобра инвестиција е тоа што позајмуваат дел од парите преку хипотекарен кредит. Кога цените на куќите растат, тоа задолжување го зголемува приносот. На пример, сопственик кој плаќа 20% учество, а вредноста на куќата расте за 10%, остварува принос од 50% на својот почетен влог.
Оваа математика одлично функционира кога цените на средствата растат, но тоа не е секогаш. Доказ за тоа е глобалната финансиска криза од 2007–2009 година.
Концентрирањето на голем дел заштедите во едно единствено, неликвидно и недиверзифицирано средство го зголемува ризикот од загуба. Финансиските советници не препорачуваат позајмување стотици илјади долари за да се купат акции од само една компанија, а сепак, многумина го прават токму тоа кога купуваат куќа.
Во однос на претходниот пример: ако вредноста на куќата од 1 милион долари падне за 10%, сопственикот би изгубил 50% од почетниот влог.
Анализата укажува дека купувањето сопствен дом може да им се исплати само на оние што можат да си дозволат да издвојат толку пари. Другите имаат многу потежок предизвик внимателно да ги одмерат потенцијалните приходи од растот на цените на недвижностите со „трошокот на пропуштената можност“.