Фудбалски распад систем на Македонија

Гоце Седлоски и македонската фудбалска репрезентација го загубија компасот во Лига на нации. Се редат порази како на лента. Не само што не можат да дадат гол, туку и не знаат како. Шут во рамки на гол немаа.

Македонија влегува во длабока фудбалска криза која се темели на очајна игра без никаква концепција и катастрофални резултати. 

Шкотска победи 2:0 на Градски, а тоа значи 11-ти меч по ред без победа за нашите фудбалери, како и седми натпревар во низа без постигнат гол.

По двата порази од Швајцарија и Словенија, Гоце Седлоски ја смени формацијата и на третиот меч се реши за 3-5-2.

Мелиќи, Младеновски и Муслиу ги постави како стопери пред голманот Димитриевски, во средниот ред играа Станковски, Гаштаров и капитенот Барди. По страничните позиции стартуваа Илиевски и Ерера, а во напад Елмас и Миовски.

Македонија сепак лошо ја отвори средбата и прими гол уште по само 7 минути игра. Киерно Боуви го отвори резултатот, кој одлично се снајде со силен удар од 20 метри преку двајца наши дефанзивци.

Шкотска беше под притисок и доколку не постигнеше гол во првите 25 минути, тогаш ќе поставеше негативен рекорд стар 154 години, откако претходниот погодок го постигнаа дури пред шест натпревари.

И по примениот погодок, нашите фудбалери беа безопасни со бавна игра и очајна креативност во средниот ред. Издание кое гостите го користеа, ја контролираа играта и вршеа притисок кон нашиот гол.

Енди Робертсон и Бен Ганон-Гоак имаа шанси, но нивните удари завршија покрај голот на Димитриевски.

Нашата игра не функционираше и единствено за одбележување во првиот дел беше шансата на Бојан Илиевски кој истрча контра, но немаше агол за да го загрози голот на Шкотите.

Очигледно селекторот Седлоски не беше задоволен од стартот и по само 30 минути се реши за двојна измена. Од игра излегоа Себастијан Херера и Лука Станковски, а ги заменија Ѓорѓе Џеков кој дебитираше и Јани Атанасов. 

Вториот дел почна веднаш со возбудувања пред нашиот гол. Димитриевски му одбрани зицер на Доак, а потоа беше досуден пенал за гостите, кој главниот судија го поништи со ВАР.

Но при втората спорна ситуација пред голот на Димитриевски, Македонија немаше среќа. Пенал со ВАР за гостите и 2:0 со голот на Џон Мекгин.

Статистика: 24 удари имаа Шкотите од кои 9 во рамки на гол. Ние само 7, но ниту еден во рамки на гол. Очај.

Четвртата шанса за да пркнеме во овој прв прозорец од Лига на нации е на 6 октомври против Швајцарија на гости.

3 октомври 2026 - 22:28