Порнографијата управува со вашиот живот, сакале вие или не

Порнографската индустрија не го промени само начинот на кој гледаме сексуална содржина - според новинарката Патриша Нилсон, порнографијата помогнала да се создаде и начинот на кој денес го користиме интернетот - од порталите за вести до Линкедин.

Ај да се потсетиме: Во 2006 година, низ интернетот почна да кружи видео долго 19 секунди на кое божем беше Бритни Спирс во интимна ситуација со тогашниот сопруг Кевин Федерлајн. Снимката беше очигледно лажна, но тоа не спречи илјадници луѓе да ја пуштат, а таблоидите со денови да пишуваат за неа.

Токму ваквите содржини помогнаа да се забрза развојот на таканаречените „tube“ сајтови - платформи на кои корисниците можат сами да поставуваат и гледаат видеа. Луѓе со осет за бизнис брзо сфатија дека огромната посетеност може да се претвори во огромен приход.

Денес глобалната порноиндустрија заработува десетици милијарди долари годишно. Но, Нилсон, која е и авторка на книгата Guilty Pleasure, тврди дека нејзиното влијание оди многу подалеку од сексуалната содржина. Алгоритмите, таргетираните реклами, бескрајното скролање и кликбејт насловите - многу од овие механизми се усовршувале токму на раните порносајтови. Интернетот нè учи постојано да бараме следна доза внимание и задоволство.

Порноиндустријата влијаела и врз начинот на кој функционира онлајн плаќањето. Во раните 2000-ти, корисниците често биле изложени на измами и скриени трошоци. Виза и Мастеркард постепено вовеле правила за тоа каква содржина може да се плаќа преку нивните системи, па така, приватни компании добиле значително влијание врз тоа што е дозволено на интернет.

Нилсон особено внимание посветува на ОнлиФанс, платформата која започна како место за различни видови содржини, но за време на пандемијата прерасна во глобален феномен на еротска содржина. Тој модел е всушност дел од поширок тренд: поединците стануваат брендови, а следачите плаќаат за чувство на директен и личен пристап.

Тука доаѓа и најинтересната теза на Нилсон - дека порнографијата не е само индустрија за гледање, туку модел што со тек на време ги научи интернет-корисниците самите да се претвораат во производ.

Слика од вечера со друштво станува содржина за Инстаграм; новата работа станува статус за Линкедин; патувањето станува серија фотографии, што ако ги нема - не се десило. Наместо едноставно да го живееме моментот, почнуваме да размислуваме како изгледаме додека го живееме. Според Нилсон, технологијата нè учи постојано да се гледаме себеси низ очите на другите - да замислуваме како сме „перципирани“ и да уживаме во тоа. И на крај, сите да станеме свој сопствен бренд.

Е, сега каков…

2 октомври 2026 - 13:58