Иван Јанковиќ, правник чија претходна студија се однесува на историјата на смртната казна, и сликарот Вељко Михајловиќ, се автори на книгата „Ката Несиба: вистинита и илустрирана историја на една белградска блудница и на нејзината борба за уставни права 1830-1851" (Чигоја, 2014). Нејзината приказна е интересна самата по себе, а уште повеќе во историскиот контекст во кој се случува. Нормално, кој друг би напишал осврт кон книгата ако не Милош Васиќ. Еве што вели тој во новиот број на Време (само за претплатници):
Белград, 1830. Турците се уште тука, не за долго, а српската власт полека се зацврствува. Во градот има блудници да ги ринеш и пред нашата Ката - 60% од населението се мажи, главно војници, а уште мажи и се доселуваат, „све сам беќар и фукара". Побарувачката за сексуални услуги е голема, понудата логично се труди да задоволи, а конкуренцијата не е мала па цените се формираат според пазарните околности како и за секоја друга „стока" (книгата содржи курсна листа за 31 валута кои биле во редовен оптек во тоа време). Цените се изразени во грошеви, а услугите на сексуалните работнички и работници (да, имало и мажи) се движеле од 5-15 гроша. Колку за илустрација, за еден можело да се купи литар ракија, или десет јајца или пиле или нешто повеќе од кило брашно. Па сега вие видете.
Несиба во Белград се појавува летото 1830 и веднаш паѓа во неволји со турската погранична полиција. Сфаќајќи дека нема далеку да стигне како маргинализиран жител на голем град, и очигледно интелигентна како што ја дал Господ, заминала во манастирот Раковица и ја примила христијанската православна вера и името Катарина, со тоа автоматски добивајќи заштита на српскиот кнез. Потоа се фрлила на работа.
Во тоа време проституцијата имала деликатен политички аспект: заради толку многу турска војска во Белград доаѓало до неизбежни прекршувања на јавниот ред и мир, тепачки и сè она што може да се замисли каде што има мажи и „слободни" жени. Сето тоа помеѓу Срби и Турци, што не влијаело добро на безбедносно-политичката ситуација. Запишано е дека Пресветлиот кнез Милош секогаш кога се одржувале деликатни преговори со Портата наредувал привремен прогон на курвите од Белград, за да не ги попречуваат дипломатските напори.
На Ката работата ѝ тргнала добро. Со години ги избегнувала неприликите и имала заштита од високи места бидејќи проституцијата во принцип била забранета. Граѓанската и службеничката класа ги користела сексуалните услуги вон домот, но не само по борделите туку и по службените простории. Телефони немало, па кол-герлите се викани преку пандури и судски курири. Токму заради ова двајца началници на полицијата ја преколнувале Владата да ја легализира проституцијата, за да можат да излезат со неа на крај. Тоа им е овозможено дури при крајот на 19. век кога се востановени „дуќани за проституција" со паушален данок на промет, но и со обврска за здравствен надзор.
Од болестите најголем проблем бил сифилисот (френга - срамна болест на француска основа, како што велат Русите). Кнезот не сакал да воведе медицински надзор затоа што „никој не ја добива оваа болест ако не си го бара". Имало и пицајзли бидејќи народот слабо се бањал, па просветителски настроените чиновници и лекари се намачиле додека не се вовела каква-таква медицинска заштита и превентива.
Што се однесува до ЛБГТ популацијата од тоа време, занимањето „аџуван" или „ѓојлен" (милосник, миленик) било сосема нормално. Авторите го споменуваат и терминот „пантелизам" според Пантелија Вукадиновиќ од Барошевац, кои младите мажи ги наведувал на „содомски блуд" од кој се одрекувале кога ќе се оженеле. Треба да се додаде и едно пакосно писмо кој Кнезот му го испратил на Вук Караџиќ во кое кнезов лут заради нешто му порачал да ги избричи мустаќите и да оди „за аџуван на белградскиот паша, затоа што е и онака слаб со здравјето па нема да му биде тешко да биде на четири нозе". Упс!
Ката Несиба се борела и за своите уставни права кога останала без заштита. Сепак е протерана од Белград во Смедерево во 1851 и после тоа ѝ се губи трагата.
И денес не е нешто многу различно, заклучува Васиќ. Добро, има антиобиотици, но има и сида. Секое време си носи свое бреме, но најстариот занает, фала богу, е жив и здрав.