Мускул - нова книга за органот кој ги движи и нашето тело и нашата култура

Авторката Бони Цуи комбинира наука, култура, новинарство и лични стории за да истражи не само што се мускулите, туку и каква улога играат во нашите животи и во човечката култура воопшто.

Срцеви, мазни, скелетни - овие три различни видови мускули во нашите тела ни овозможуваат да ја туркаме храната низ стомачните органи, крвта низ нашите крвни садови, бебињата низ матките. Споени се со нашите коски и ни овозможуваат да се движиме. Низ историјата (а и денес) тие ја дефинираат убавината, играјќи огромна улога кога станува збор и за менталното, и за физичкото здравје. 

Во нова книга „За мускулот: нештото што нè движи и зошто е тоа важно“ на Бони Цуи, долгогодишна соработничка на Њујорк Тајмс, се разгледува комплексната и често потценета улога на мускулите. Тие не се само извршители на наредби од мозокот, туку испраќаат и сопствени хемиски сигнали (миокини) кои влијаат врз когницијата, расположението и емоциите. Освен физичката функција, мускулите носат и културна симболика поврзана со сила, убавина и човечка природа, иако перцепциите често се обликувани од родови норми, па жените понекогаш се осудувани кога изгледаат „премногу мускулести“.

Цуи ја нагласува двонасочната врска меѓу умот и мускулите, објаснувајќи дека „мускулната меморија“ не се однесува само на моторни шеми, туку и на клеточни и епигенетски процеси што го подготвуваат телото за идни активности. Пример за ова е јога-инструкторот Метју Сандфорд, парализиран од градите надолу, кој преку телесна свесност и асистенција успева да постигне чувство на целосна телесна поврзаност.

Мускулите имаат извонредна способност за адаптација и во подоцнежните години од животот. Истражувања покажуваат дека физичката активност може значително да ја подобри нивната состојба, без разлика кога се започнува со тренинг. Процесот на градење сила – преку микрооштетувања што потоа се обновуваат и зајакнуваат – служи како метафора за отпорност и личен раст.

Иако со возраста се јавува губиток на мускулна маса (саркопенија), вежбањето со отпор и добрата исхрана можат значително да ја намалат, па дури и да ја вратат силата. Брзото слабеење со медикаменти, без тренинг, го забрзува губењето на мускули, па Цуи препорачува комбинација од исхрана и физичка активност. На крајот, таа зборува за радоста од заедничкото движење – преку спорт, танц или тренинг – што создава силни врски, надминува разлики и станува израз на колективна радост и човечка поврзаност.
 

12 август 2025 - 19:18