
Значењата на емоџи-симболите се менуваат постојано, така што, ако мислевте дека човечето што се смее со солзи значи дека се смеете со солзи, само се издавате колку сте баби и дедовци.
Да го земеме черепот, на пример - да, значи „умрев“, ама од смеење.
Или, темата на текстот - овенатата ружа - која во 2025 добивала најбрзо на популарност и била 93-та најкористена заради генерацијата Алфа (родени меѓу 2010 и 2024). Ја користат наместо скршено срце, да покажат тага - ама немојте да мислите дека сте им го фатиле крајот - знаат и иронично да ја употребат, односно „божем“ им е скршено срцето.
Американскиот лингвист Адам Алексик ова емоџи го нарекува и „наметнато емоџи“, односно кога на симболот свесно му се проектира значење, наместо да се користи интуитивно (како скршеното срце). Почетоците ги наоѓа во нешто што се вика JuggTok, заедница на ТикТок насочена кон ироничен хумор, со видеа каде што се тврдеше дека се претерало со користење на „веќе виденото“ скршено срце и се предлагало да се почне со ружата.
(Да, сфаќаме дека е можно да го читате ова додека чекате ред да платите кредит во банка, ама не сме ние криви. Плус, може ќе можете да го искористите како тема на разговор со детето што ви е Алфа, кога ќе ви се потроши „како у школо?“).
„Постојано се движи циклусот на популарни емоџи,“ објаснува Алексик. „Ако ги користиш тие што уште не се мејнстрим, на својата група ѝ сигнализираш дека си свесен која шега е популарна. Ако користиш емоџи наивно, или - како повеќето луѓе над 30 - ќе бидеш предмет на исмевање.“
Нам, се разбира тотално не ни е битно дали дете од 12 години ќе мисли дека сме глупи, ама во нивниот круг е важно. Без разлика дали е сленг, емоџи или стикери, начинот на кој тинејџерите комуницираат секогаш ќе има скриено значење, но тајновитоста и екслузивноста е тоа што го прави „јако“ за нив, а и за секоја генерација на тие години. А сега, кога „овенатата ружа“ веќе доби дефиниција во Миријам-Вебстер, веројатно ќе оди во заборав еднакво интензивно како што дојде во употреба.
„Како родител не треба да знаеш кое емоџи е сега популарно,“ вели Алексик. „Штом мајка ти открие што значи овената ружа, време е да одиш понатаму.“