Некому мара, некому маќеа

Одгледувањето марихуана може да го обнови земјоделието и да им помогне на земјоделците кои едвај врзуваат крај со крај. Или пак да им ги наполни џебовите на ионака моќните и богатите. Кој пат ќе се фати, се одлучува рано во процесот. Погледнете кој зема лиценци и ќе ви стане јасно што е одбрано кај нас.

Кога регулаторите диктираат кој може да одгледува канабис, тие можат да го распределат богатството или пак да им помогнат на богатите да станат уште побогати, пишува Атлантик анализирајќи ја американската ситуација во која, како и кај нас, повластени се добро вмрежените корпоративни одгледувачи наспроти независните фармери.

11 федерални држави и дистриктот Колумбија комплетно ја имаат легализирано рекреативната марихуана а 15 ја имаат декриминализирано. Во медицински цели таа може да се користи во 33 држави а речиси две-третини од Американците веруваат дека марихуаната треба да е легална. За многумина, нејзината легализација е прашање на социјална правда, своевидно извинување на скапата и расистичка „борба против дрогата“ во која несразмерно повеќе страдаа малцинствата: црнец има 4 пати повеќе шанси да биде уапсен за поседување марихуана од белец, иако се работи за слични стапки на користење.

Компензирање на бруталните неправди од таквата војна против дрогата треба да биде битна цел на реформаторите, но реалноста не е таква. Секоја држава љубоморно го ограничува бројот на лиценци со што осигурува корпоративна доминација во индустријата. Њујорк, во кој медицинската марихуана е легална, само 10 компании имаат лиценци за одгледување и дистрибуција. Конкуренцијата за добивање лиценца е жестока и тие се плаќаат со десетици милиони долари. 

Резултатот од ваквото сценарио не треба никого да изненади бидејќи истото сценарио беше во игра и со тутунот, неговите квоти, откупни правила и слично. Од една стана огромни профити во рацете на централизирани мрежи на економска моќ, од друга страна огромен број Ленки кои „не беа родени за тие пусти тутуни“.

Да потсетиме, Македонија има и друго растение кое е многу интересно за „реформирање“.

„На македонското земјоделие не му требаат субвенции туку слобода за одгледување доходовни култури“, објавивме во статијата „Слобода за македонскиот афион“ 

 

14 октомври 2019 - 08:48