Иницијативата Food Systems Countdown, во соработка со универзитетите „Џонс Хопкинс“ и „Корнел“ и Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), во август спроведе проценка на досегашните постигнувања во 197 земји за вкупно 44 показатели за системите за храна.
Извештајот опфаќа теми како исхрана и нутритивен статус, животна средина, егзистенција, управување и отпорност. Актуелниот напредок во секоја од 197-те земји бил спореден со специфичните глобални цели што нациите колективно се договориле да ги постигнат до 2030 година. За некои показатели има напредок, но реално до 2030 година може да се исполни само една цел: бројот на претплати за мобилни телефони. Оваа мерка од категоријата „поврзаност и отпорност“ веќе е исполнета во повеќето од анализираните земји.
Намалувањето на емисиите на стакленички гасови од прехранбените системи се најдалеку од зацртаните резултати. Земјите заостануваат за околу 75% и ниту една не се очекува да ја постигне сопствената цел за 2030 година доколку продолжи со сегашното темпо на напредок.
На ниво на континент, на Африка би ѝ бил потребен напредок од најмалку 15-20% годишно кај 23 показатели само за да се задржи на планираниот пат. Азија би требало да ја намали несигурноста во снабдувањето со храна за повеќе од 63% годишно, а на Америка би ѝ бил потребен годишен пораст од 57,2% во ефикасноста на владата, само за да се одржи чекорот. Европа, иако бележи подобри резултати од повеќето региони, сепак има 19 показатели оценети како „недостижни“ доколку продолжат сегашните трендови.

Кај некои показатели состојбата е дури и полоша отколку на почетокот на следењето: учество на граѓанското општество во креирањето на политиките за храна; одговорноста на владите; продажбата на ултра-преработена храна и употребата на пестициди во земјоделството.
Извештајот на Countdown не само што им укажува на земјите дали се движат во вистинската насока, туку и им покажува колку пат им претстои во однос на референтна вредност, изјави Бјанка Кардучи, водечкиот автор на студијата.
За утеха, истражувачите утврдиле дека една третина од земјите се на добар пат да исполнат 7 цели и дека една половина од показателите бележат позитивен тренд на глобално ниво. Заклучуваат дека проблемот е тоа што земјите ги прецениле своите капацитети и не можат да го испорачаат напредокот што го зацртале.
Сите цели и проценката за нивно исполнување целосно се објаснети во студијата објавена во журналот Nature.