Си биле две бактерии, Трпе и Трпана...

Колку често научниците се обидуваат да бидат „цепки“ на конференции? Едно ново истражување покажува дека шегите во научните презентации најчесто не предизвикуваат многу смеење. Но тоа не значи дека е бескорисен во академската средина и во научно-истражувачката работа. Тие покажуваат дека научниците се сепак само луѓе, а и слушателите на тој начин се опуштаат и повеќе ја слушаат презентацијата. 

Хуморот во научно-истражувачката работа е потценета алатка, можеби затоа што научниците сакаат да се прикажат како крајно сериозни луѓе. Истражувачи на оваа тема следеле повеќе од 500 презентации од областа на биологијата и забележале дека околу две третини од обидите за хумор завршиле со едвај чујно кикотење или со целосна тишина. Само околу 9 проценти успеале да насмеат поголем дел од публиката. Сепак, авторите велат дека тоа не значи оти научниците треба да се откажат од зафрканции: дури и неуспешниот обид може да ја опушти атмосферата и да го врати вниманието на слушателите.

Истражувањето започнало прилично случајно. Викторија Стаут, една од авторките, додека работела на својот докторат по науки за животната средина, почнала да си запишува шеги што ги слушала на конференции – едноставно за да не ѝ биде досадно. Подоцна идејата прераснала во сериозно истражување со колеги од Италија и други земји. Заедно посетиле 531 предавање на 14 биолошки конференции одржани меѓу 2022 и 2024 година и регистрирале 870 обиди (обиди!) за хумор. Го сметале за шега секој момент кога, на пример, предавачот намерно направил пауза очекувајќи смеа. Околу 40 проценти од предавањата биле целосно без хумор, додека во речиси 60 проценти имало барем еден смешен момент. Мажите биле нешто посклони да се шегуваат од жените, што авторите претпоставуваат дека можеби се должи на нивната поголема подготвеност да преземаат ризик.

Најчестите шеги воопшто не биле однапред подготвени. Научниците знаеле да се пошегуваат кога нешто ќе тргнело наопаку – ќе откажел проекторот, ќе се појавел проблем со презентацијата или некоја друга техничка ситница. Имало и шеги поврзани со самата тема на предавањето, смешни случки од теренските истражувања, неколку референци на популарната култура, па дури и обиди за физички хумор. Според Стаут, ваквите моменти се важни затоа што ја покажуваат човечката страна на научникот. Не мора секоја шега да биде успешна за да има ефект. Дури и кога публиката ќе воздивне или ќе пушти само едно тивко „хм“, атмосферата во просторијата може да се промени.

Стаут има и неколку совети за научниците кои сакаат да внесат повеќе хумор во своите презентации: најважно е шегата да биде природна и да одговара на личноста на говорникот, а хуморот треба да ја поврзува публиката, а не да ја исклучува. Научниците, според неа, особено добро реагираат на игра со зборови и на аналогии. Интересно, самото најавување или обид за шега може да ги опушти слушателите и да создаде подобра атмосфера за следните шеги. А научниците, додава таа, имаат доволно необични и интересни искуства во својата работа што материјал за хумор не би требало да им недостига.

Зошто воопшто да се шегуваат ако ризикуваат никој да не се насмее? Затоа што хуморот може значително да го зголеми вниманието. На конференции има огромно количество интересни информации, но по неколку предавања публиката лесно почнува да се исклучува – или, уште полошо, да заспива. Истражувањата за научната комуникација и образованието покажуваат дека смеата може да го подобри учењето, да помогне информациите да се запомнат и да создаде поголема поврзаност меѓу говорникот и публиката. Дури и научните трудови со духовити наслови, според едно претходно истражување, имаат предност во бројот на цитирања, веројатно затоа што почесто се споделуваат и читаат. Еден од истражувачите дури планира новото истражување да го номинира за Иг Нобел – наградата за научни откритија што, како што знаеме, „прво ве тераат да се насмеете, а потоа да размислите“.

извор (со претплата)

18 септември 2026 - 14:04