За време на зимската Олимпијада во 1984 година, во Сараево, Југославија, Елвис Џ. Куртовиќ и неговите Метеори изведоа преработка на Дилановата „Maggie’s Farm“ во една жешка подрумска хала пред 300 диви панк-рок фанови. Не ја изведоа неговата верзија, туку своја, која на прва топка се однесуваше на британската премиерка Маргарет Тачер. Но во суштина, Куртовиќ и Метеори пееја за југословенската премиерка Милка Планинц.
Тоа беше брилијантна трампа на идентитети, која се подбиваше со југословенскиот режим и со неговата идеологија, спакувана во форма на триминутна панк-песна. Би можело да биде вклучена во која било глобална антологија на протестниот панк, ако нејзините уредници имаат чуено за оваа чудна сараевска група, предводена од Мирко Срдиќ, 22-годишен студент по инженерство и еден од најпаметните и најлуцидни автори на југословенската рок-сцена.
Во својата верзија на песната, Елвис и Метеори ја обвинуваа Планинц - нарекувајќи ја Маргарет Тачер - за неспособноста и корупцијата на Косово, тогаш бунтовна југословенска покраина. Ако некој новинар се обидеше да објави нешто слично, ќе завршеше во затвор и доживотно ќе му беше забрането да пишува во југословенските весници. Ако некој обичен граѓанин го зборуваше тоа во кафуле или во трамвај, во најмала рака ќе завршеше на распит во полиција за „ширење лажни информации и вознемирување на јавноста“. Но ова беше песна што ѝ се обраќаше на Маргарет Тачер. Полицијата и комунистичката партија се преправаа дека тоа е навистина за Тачер, и ништо не се случи.
Панк-рокот се случи рано во Југославија. Југословенски панк-бендови постоеја уште од 1977 година, годината кога Клеш го издадоа првиот албум. Првиот голем панк-концерт, барем јас што го памтам, се случи во Пула, на хрватскиот брег, на 22 март 1978. Брзо потоа излегоа првите албуми на бендови како Панкрти од Љубљана, чие име на словенечки значи „непризнаени“ или „копилиња“. Овие плочи беа издавани од државни компании, кои беа под неформална, но сеприсутна партиска цензура.
Од позиција на режимот, овие групи имаа екстремно проблематични текстови. Се напаѓаа полицијата, авторитетите и носечките принципи на комунистичката идеологија. Па сепак, тоа се пееше и се издаваше без никакво мешање од страна. Причината беше едноставна: беше помалку опасно нешто да постои во излозите на продавниците и на бините на државните домови на културата отколку да заживее под земја, роварејќи против системот. Таква беше стратегијата на лидерите од тоа време, кои дополнително ќе се либерализираат по смртта на југословенскиот доживотен претседател, маршалот Јосип Броз Тито, пролетта 1980-та.
Како и британскиот и американскиот, југословенскиот панк-рок беше потопен во социјални скандали и радикален политички ангажман. Тоа беше време во кое луѓето можеа да имаат убава живеачка, а младите регуларно да заработуваат за џепарлак преку младински сервиси и со заработеното да одат до Трст или Виена, па дури и Лондон, за со свои очи да ги видат новите супкултурни трендови и да купуваат плочи. Поради ова, панк-класиците како Клеш, Секс пистолс, Базкокс или Демнд си го наоѓаа патот до Југославија, исто како и музиката на Пети Смит, Стуџис или Њујорк долс.
Сепак, за нас во Југославија не беше баш сè исто како во Њујорк или Лондон. Југословенскиот панк се базираше на бунтовништво и во себе речиси воопшто немаше ескапизам, како што беше тоа во делови на западните сцени. Панк-рокот во Југославија се појави и се разви како богохулење против владата и сè - или речиси сè - во кое веруваше генерацијата на нашите родители. Само една тема беше недопирлива: Тито. Сè друго беше дозволено. Секој можеше помалку или повеќе отворено да биде против сè. Дури и против комунизмот.
Некои од овие песни звучеа како дневни политички коментари. За време на големите штрајкови на бродоградилиштата во Гдањск, Полска, кога работничкото движење Солидарност предводено од електричарот Лех Валенса штотуку се формира и добиваше поддршка, групата Азра од Загреб ја изведуваше песната со наслов „Полска во моето срце“ низ цела Југославија. Песната ги опишуваше актуелните случувања, беше против Советскиот Сојуз, а спомнат беше и папата Јован Павле Втори (Војтила). Советската амбасада во Белград испрати официјална нота против песната, но таа не беше забранета. А беше издадена од Југотон, тогаш најголемата и највлијателна компанија за плочи во земјата.
Идеологијата на југословенскиот панк, свесно или несвесно, се сведуваше на антикомунизам. И повторно имаме интригантен парадокс. Зошто комунистичките власти дозволија да цвета антикомунистичка супкултура меѓу младите? Одговорот на ова прашање стана јасен една деценија подоцна.
Во 1990 и '91 Југославија се распадна и комунизмот беше заменет со етнонационализам. Кога стариот свет самиот се сруши однатре, довчерашните комунисти, шефови на тајни служби и централни комитети, со брзина на светлоста ги зазедоа позициите во југословенските републики, трансформирајќи се во националисти и десничари. На оние луѓе што во почетокот на 80-тите седеа по партиски конференции за да дискутираат за антикомунистички ексцеси, а во 90-тите ја освоија контролата во новите држави, никогаш не им беше битен антикомунизмот, битна им беше власта.
Панкот и њу вејв музиката во Југославија во раните 80-ти беше уникатен феномен во комунистичкиот свет. Во другите земји од Источна Европа - со Полска како делумен исклучок - панк-рокот вистински се појави откако комунизмот престана да постои. Руските панк-рокери, на пример женските од Пуси рајот, се дигнаа против конзервативниот Владимир Путин во време кога комунизмот беше исчезнат во минатото. Панкот стигна во Русија - и малку порано во Унгарија, Полска и Чехословачка - како задоцнето ехо на нешто што одамна се имало случено на Запад, и главно беше само имитација на британските и американските модели.
Долги години и во Југославија така се развиваше популарната и младинската култура. Но со либерализација на политичкиот режим, материјалната благосостојба и ширењето на средната класа, работите почнаа радикално да се менуваат кон крајот на 70-тите. Во 1968-ма, само една година откако се постави во Њујорк, бродвејскиот мјузикл „Коса“ беше изведен и во Белград. Од белградската „Коса“ до југословенскиот панк, сè до падот на Југославија, работите се одвиваа синхронизирано со она што се случуваше на Запад.
Спротивно на Советскиот Сојуз и на повеќето источноевропски комунистички партии, чии лидери и комесари инсистираа на контрола на културата, особено на популарната и младинската, како механизам за задржување на власта, југословенските комунисти на своите граѓани, особено на младите, им ја понудија културата како платформа за олеснување на социјалните трауми, која истовремено им ја носи и илузијата на слобода.
Едноставно кажано, наспроти Леонид Брежњев и Советскиот Сојуз, Тито не мислеше дека млади луѓе со гитари и тапани можат да ја срушат државата. И на крајот, испадна во право.