Која е следната цел на Трамп: Куба, Колумбија или Гренланд?

Не поминаа ни два дена по дрската операција во Венецуела и грабнувањето на Николас Мадуро, а Трамп веќе се закани со други воени удари и грабање територии заради целосна американска доминација на западната хемисфера. Кој е следен: Колумбија која има фабрики за кокаин, комунистичкиот режим на Куба или данскиот Гренланд, кој има стратегиска важност за САД?

Уште пред еден месец во новата Стратегија за национална безбедност Трамп го наведе враќањето на американската доминација на западната хемисфера како приоритет во надворешната политика во вториот мандат во Белата куќа. Во стратегијата беше посочено на Доктрината на Монро од 19 век, која го отфрла европскиот колонијализам, како и на Рузвелтовата последица - оправдување на кое САД се повикаа за поддршка на отцепувањето на Панама од Колумбија заради присвојување и контрола на зоната на Панамскиот канал. 

Комунистичките власти во Хавана крајно сериозно ги сфатија предупредувањата од Трамп и од државниот секретар Марко Рубио дека „луѓето на Куба страдаат со години“.

Мислам дека сега ќе зборуваме за Куба, бидејќи таа во моментов е нација во многу голем неуспех... Сакаме да им помогнеме на луѓето во Куба, но сакаме да им помогнеме и на луѓето што беа протерани од Куба и живеат во оваа земја, предупреди Трамп во интервју за Њујорк пост. На директното прашање дали планира воена акција против Куба, Трамп одговори: „Не, самата ќе падне“.

Шефот на дипломатијата Рубио, син на кубански емигранти и долгогодишен жесток критичар на комунистичкиот режим, упати уште поостро предупредување: „Ако живеам во Хавана и ако сум во владата, би бил загрижен“.

Куба беше најблискиот сојузник и трговски партнер на Венецуела, особено на претседателот Мадуро. Хавана потврди дека при американската операција за грабнување на Мадуро и неговата сопруга во Каракас загинале 32 кубански офицери. Рубио истакна дека Мадуро имал поголема доверба во Кубанците отколку во своите сонародници и затоа ги ангажирал да го штитат.

Кубанците го чуваа Мадуро. Немаше венецуелски телохранители. Кубанските телохранители беа задолжени и за внатрешното разузнавање во администрацијата, за да се осигури дека нема предавници, изјави Рубио, гостувајќи во емисијата „Meet the Press“ на NBC.

Трамп синоќа директно ѝ се закани и на Колумбија и на нејзиниот нејзиниот левичарски претседател Густаво Петро.

Колумбија ја води болен човек кој сака да прави кокаин и да го продава на САД... Тој има фабрики за кокаин. Нема да го прави тоа многу долго“, изјави Трамп. На прашањето дали би можел да нареди воена операција и против Колумбија, Трамп одговори: „Ми звучи добро.“

Неговата администрација во октомври воведе санкции против Петро, неговото семејство и член на неговата влада во врска со обвинувања за глобалната трговија со дрога. При акциите за запирање на шверц на дрога кон САД во изминатите неколку месеци американските сили погодија и бродови во источниот Пацифик што испловиле од Колумбија.

Трамп повторно го спомна и Гренланд како „стратегиски важна територија за одбраната на САД.

Гренланд е опкружен со руски и со кинески бродови. Ни треба Гренланд од гледна точка на националната безбедност. Данска не може да го обезбедува, изјави Трамп. 

Тој се подбиваше со напорите на Данска за зајакнување на безбедноста: Данците додале уште една санка со кучиња во арсеналот“.

Данската премиерка Мете Фредериксен остро ги осуди изјавите на Трамп и повтори дека САД немаат право да ја анектираат територијата што има автономија во рамките на Данска. Таа исто така, го потсети Трамп дека Данска веќе им обезбедува на САД широк пристап до Гренланд преку актуелните безбедносни договори.

Ги повикувам САД да престанат да им се закануваат на историски близок сојузник и на друга земја и народ кои јасно ставија до знаење дека не се на продажба, рече Фредериксен.

5 јануари 2026 - 08:29