Зоки Панкерот удри фајронт

Скина неповторлив скопски лик. Зоки Панкерот (инаку Тодоровски), градски да поградски не може да биде, од она Скопје кое ретки (не)среќници го гледаат; во три, четири, пет сабајле. На шанк, со црнчиња. Флок па Балет, место во чија темнина и бучава се забораваше на времето. Гласно, алкохолно, лепливо, се клатат и луѓе и лустерчиња над шанк. Место во кое човек и да дочекаше фајронт, не се сеќаваше на него.

„Си замина во вечност скопскиот Петар Пан“
Ана Зафировска

Млада си, ама Скопје има и друга страна, друг начин на живот

Девојко,
не знам како се викаш
пред малку се разминавме
кај Малага,
со тебе беше еден тип
облечен во сјајно-бели панталони,
еспадрили и некаква безлична маичка
со дигната крагна
и цвикери качени на врв на глава
(личеше на овој на сликава (Мусолини))
ако ти здосади од шопинзи
и глумење лудило по шемаџиските локали
јави ми се,
не се бламирај со такви ликови
преубава си за него... сè уште природна…
ќе те запознам со милион подобри,
можда не знаеш, млада си,
ама Скопје има и друга страна,
друг начин на живот,
вреди да се проба, верувај.

Зоки Панкерот

***************

Бев во чаршија (кафичот сигурно више сите го дознаа), и идеше тивко Леб и Сол. Наеднаш се појавија 15-сетина млади Албанци и почнаа да демолираат сè што им се најде.

Кршеа излози и шанкот, превртуваа коњопоји, маваа со флaши, чаши, пепељари, не ги интересираше дали некоја девојка ќе повредат (а повредија неколку).

Тоа траеше кратко време и пред да се освестиме, избегаа и се дереа „ШТО Е ОВАА СРПСКА И КАУРСКА МУЗИКА"!!!!!!!

Значи за мене од сега постојат само Македонци од различна националност и вера, ама пред се ГРАЃАНИ, а овие бea талибанци, што им смета сè што не е муслиманско и албанско.

* Зоки Панкерот во „Ноќеска во Чаршија“

***********

Кадровски предлог на Зоки Панкерот

************

Одиме во Балет еднa вечер, затворено. Пишале дека недела дена нема да работи. 

Јеби га. 

15 метра накај Партизанска - во пролазот - е Аркадија. Одиме таму. Не само што работи туку и Панкерот e таму.
- Што си затворил бе, Зоки?
- Имам ли јас право да одморам некој ден?

Беше во истата поза во која го знаеме од Балет. Со чашка. Ама одмараше.

Цар.

Трендо 

п.с. Заеби црнчиња таму горе. Нема стопати да умираме од исто.

 

4 јануари 2026 - 10:22