- Чеченскиот претседател Рамзан Кадиров забрзано го спрема својот 18-годишен син Адам за наследник. Му додели нов медал поради „значаен придонес за обезбедувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на татковината“.
- Премиер Магомед Даудов на свечената церемонија го нарече Адам „енергичен и ефикасен лидер способен да решава сложени проблеми со принципиелност и лојалност кон каузата.“
- Градите на младиот Кадиров ги красат едно чудо медали, доделени од неговиот татко, но и од Москва, а ја има и титулата „Херој на Чеченската Република“. Во Руската книга на рекорди е запишан како најмлад шеф на регионална безбедносна служба.
- Стариот Кадиров пред една недела итно бил префрлен во болница во Москва поради сериозно влошена здравствена состојба. Локални медиуми тврдат дека лекарите едвај успеале да го реанимираат. По неколку дена тој се појави во јавноста со новогодишна порака до Чеченците.
- Холандија побарала пауза на процесите за интеграција на Црна Гора во Европската Унија укажувајќи на потребата од „дополнителна анализа и поконзистентна примена на сите утврдени стандарди“.
- На ова барање се придружиле и Хрватска, Естонија, Литванија и Летонија. Инсистираат на темелна проверка на исполнетоста на клучните критериуми пред да се донесат какви било нови одлуки на европско ниво.
- „Она што сега изгледа сигурно е дека нема да се затворат поглавја на маргините на состанокот на Советот на ЕУ овој месец, спротивно на претходните очекувања и најави“, заклучува подгоричкиот весник „Дан“.
- Црна Гора досега има затворено 18 од 33-те преговарачки поглавја. Хрватска го блокираше Поглавјето 14, кое се однесува на транспортната политика. Веќе две години е блокирано Поглавјето 31 – кое ја опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
- Поради преполнетост на затворските капацитети, Финска бара правна рамка за да префрла осудени криминалци да ја отслужуваат казната во странство. Тоа подразбира и странските затвореници да бидат префрлени во ќелии во нивните матични земји.
- Хелсинки ги разгледува опциите на Шведска - која од август почна да префрла свои осуденици во затвор во естонскиот град Тарту, или на Данска - која во десетогишен договор од 210 милиони со Косово изнајми 300 ќелии во затворот во Гњилане.
- Според податоци на Службата за затвори и условна слобода, во Финска има околу 3.900 затвореници, од кои 950 се странски државјани.
- Бројот на странски затвореници е зголемен за 76% изминатата деценија, а бројот на фински затвореници во истиот период е намален.
- Најголем дел од странските затвореници отслужуваат казни за кривични дела поврзани со дрога (49%), за сексуални престапи (21%) и за убиства (10%).