Одговор до Ноам Чомски

Зошто ние не сме РТС

"Да знаеше претседателот на Франција за нападот на редакцијата на Шарли Ебдо, би ја дигнал цела земја на нозе, би наредил итна евакуација на загрозените и блокада на целиот реон. Овде беше поинаку. Овде молеа бога да има што повеќе жртви за светот да добие слика за Србија како мачена земја во која се убиваат дури и телевизиски работници".

повод: А каде беа протестите кога НАТО уби 16 новинари на РТС?

Господине Чомски,

Знам дека овие мои реченици сигурно нема никогаш да ги прочитате. Штета, затоа што нема да ја дознаете правата вистина за РТС, луѓето кои ja водеа, власта, Слободан Милошевиќ и зошто тоа не може да се спореди трагедијата што се случи во редакцијата на магазинот Шарли Ебдо со нарачаното бомбардирање и убиството на шеснаесетмина жртвувани маченици од РТС од страна на српските власти и нејзиниот претседател Милошевиќ во премолчен договор со челните луѓе на НАТО пактот.

Вие пишувате: "Тогашниот напад на новинарите беше поздравен"?!? Сте можеле барем толку да се информирате за да дознаете дека меѓу 16-мина жртвувани маченици немаше ниту еден новинар.

А имаше новинари таа ноќ во РТС, но во друг дел на зградата. Гаѓан беше мастерот, срцето на една телевизија. Таму главно работат техничари. Таа ноќ "на дежурство" беше и Јелица Минитлак, шминкерка. Па кого таа ќе шминка во тоа глуво доба?

Оние што повикуваа на смрт, разорување и уништување, како група националистички умоболници доаѓаа преку ден со нацртани мети на градите, се држеа за раце и играа оро околу зградата на РТС во Таковска улица. Навечер, пред сирените за опасност, бегаа во своите глувчешки дупки за утредента повторно да одат по мостови и да ги повикуваат бомбите кои не ги погодуваа нив.

Постојат извештаи од офицери за безбедност со цитати од пресретнати разговори на пилоти на НАТО  кои укажуваат дека надлежните знаеле дека зградата на РТС  ќе биде бомбардирана. Има и транскрипти од тоа. Воениот и државниот врв на време биле предупредени за нападот на РТС.

Постои документ во кој е забележано дека на тој 23. април 1999 година, домашните служби ја пресретнале комуникацијата на пилотите на НАТО со својата база. Три пати ги фаќале, кога тргнале, кога извршиле напад и кога се враќале. Тоа укажува дека војската била главен соучесник во тој напад. Таа ги знаела пресретнатите разговори. Башка сите оние тајни, дипломатски, јавни или полујавни врски со кои беше најавено бомбардирањето на РТС.

Иако семејствата на загинатите цело време тврдат дека најголема вина има државното и военото раководство на режимот на Слободан Милошевиќ, единствено е осуден, на десет години затвор, тогашниот директор на РТС Драгољуб Милановиќ, кој после долго бегство е уапсен во Црна Гора.

На 23. април, раководството на РТС на чело со Милановиќ, ги остава луѓето на работните места иако биле известени дека таа ноќ зградата ќе биде цел. Од државната телевизија секојдневно порачуваа: "Пукајте, ние чекаме, нашата адреса е Таковска број 10".

Сè се знае. Се ближи шеснаесеттата година од тој ужас. Секоја година за по еден маченик. Се знае за Душан Војводиќ кој ноќта кога е бормбрадирана РТС, дошол за да ја извади својата ќерка, вработена во телевизијата. Се знае за новинарката која рекла "Одам по грисини," што било лозинка дека зградата ќе биде бомбардирана... Мирно излегла, поминала покрај мастерот и другите соби и никого не предупредила дека ним утрото нема да им осамне.

16 работници на РТС, ниеден новинар меѓу нив, само ситна боранија на кои им се заканиле дека ќе добијат отказ ако ги напуштат своите работни места. Ставени во трло. Само се чекаа волците.

Затоа господине Чомски ние никогаш не носевме беџови "Ние сме РТС". Сè бевме, само тоа не бевме никогаш. 

Чедомир Петровиќ, интегралнo на E-novine.