Европа остана без свој интернет

Европската Унија многу заостанува во развојот на дигиталната инфраструктура, поради што е целосно зависна од американските технолошки компании. „Наместо да го насочиме фокусот кон тоа како да ги запреме американските гиганти, можеби треба да ја вложиме нашата енергија во градење нешто сами“, предупредува врвен експерт за кибернетска безбедност.

Мигел де Брујкер, директор на Центарот за кибернетска безбедност на Белгија, изјави за Фајненшл тајмс дека моментално е невозможно целосно да се складираат податоци во Европа бидејќи американските компании доминираат во дигиталната инфраструктура.

Го изгубивме целиот облак. Го изгубивме интернетот, да бидеме искрени. Ако сакам моите информации да бидат 100% во ЕУ... продолжете да сонувате. Поставувате цел што не е реална, вели Де Брујкер.

Тој предупредува дека сајбер-одбраната на Европа зависи од соработката на приватните компании, од кои повеќето се американски.

Оваа зависност не беше „огромен безбедносен проблем“ за ЕУ, но Европа пропушташе клучни нови технологии, кои се воведуваат во САД и на други места, вклучувајќи cloud computing и вештачка интелигенција, кои се од витално значење за одбрана на европските земји од сајбер напади.

Европа требаше да изгради свои капацитети за зајакнување на иновациите и безбедноста. Во сајбер-просторот, сè е комерцијално. Сè е во приватна сопственост, вели белгискиот експерт.

Тој тврди дека мерките како Законот за вештачка интелигенција на ЕУ, кој го регулира развојот на брзорастечката технологија, ги блокира иновациите.

На ниво на ЕУ треба јасно да идентификуваме што ни значи суверенитетот во дигиталниот домен. Наместо да го насочиме фокусот кон тоа како да ги запреме американските гиганти, можеби треба да ја вложиме нашата енергија во градење нешто сами.

На владите им предлага да поддржат приватни иницијативи во технологии за дигитална идентификација, слично како што европските земји заеднички го основаа производителот на авиони Ербас и продолжија да го поддржуваат. Тој притоа ги спомна компаниите OVHcloud во Франција и германскиот Schwarz Digital, кои според ИТ експертите може да обезбедат клучна дигитална инфраструктура.

3 јануари 2026 - 09:57