Ќе ја управуваме Венецуела сè додека не осигуриме безбедна, правилна и разумна транзиција на власта, изјави Трамп на прес-конференција во Мар-а-Лаго.
Тој не објасни како САД ќе го сторат тоа без американски трупи или функционери на венецуелска територија, но им се закани на највисоките офицери од владата на Мадуро дека „може да завршат исто како нивниот претседател“.
Мадуро беше грабнат од неговата резиденција во Каракас по молскавична десантна операција на елитните одреди Делта Форс. Откако со ракети и воздушни напади била неутрализирана противвоздушната одбрана на Венецуела, специјалци со неколку хеликоптери се спуштиле до резиденцијата и го грабнале Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес од спалната соба. Нападот бил толку ненадеен што претседателот не успеал ни да се заклучи во блиндираната безбедна просторија во палатата.
Двајцата биле префрлени на воениот бродот „Иво Џима“ и се на пат кон Њујорк, каде што ќе им се суди за обвиненија за испраќање огромни количества дрога во САД.

Нелегитимниот диктатор Мадуро беше главен лик на огромна криминална мрежа одговорна за трговија со колосални количини смртоносни и нелегални дроги во САД. Мадуро и неговата сопруга наскоро ќе се соочат со целосната моќ на американската правда и ќе бидат судени на американска почва. Тој никогаш повеќе нема да може да се заканува на американски граѓанин или на некој од Венецуела. Диктаторот и терорист Мадуро конечно го нема во Венецуела. Луѓето се слободни, изјави Трамп.
Претседателот го истакна воениот напад како „еден од најефикасните и најмоќните демонстрации на американската воена моќ во историјата“.
Ниту една нација во светот не можеше да го постигне она што Америка го постигна вчера... сите воени капацитети на Венецуела беа немоќни кога мажите и жените од нашата војска го фатија Мадуро во мртва ноќ, изјави Трамп.
Генералот Ден Кејн прецизираше дека при нападот врз Венецуела биле користени повеќе од 150 бомбардери, ловци и извидувачки авиони. Акцијата била планирана со месеци. Американските сили биле подготвени да дејствуваат во декември, Трамп дал дозвола на Божиќ, а акцијата била извршена кога тоа го дозволиле временските услови. Агент на ЦИА уфрлен во Каракас им помогнал на Американците да ја следат прецизно неговата локација.
Трамп додаде дека „Американската армада“ од борбени бродови ќе остане на Карибите, спремна за нови воени операции во Венецуела, ако се оцени дека има потреба. Ќе продолжи и блокадата на санкционираните танкери за нафта пловат кон Венецуела или испловуваат.
Трамп го обвини „социјалистичкиот режим“ на Венецуела дека со национализација „ја украла“ нафтата од американските компании.
Ја изградивме венецуелската нафтена индустрија со американски талент, енергија и вештина. А социјалистичкиот режим ни ја украде за време на претходните администрации и ја зедоа на сила. Ова беше една од најголемите кражби на американски имот во историјата на нашата земја, изјави Трамп.
Тој додаде дека американските нафтени компании ќе се вратат во Венецуела.
Нашите многу големи нафтени компании ќе инвестираат милијарди долари за да ја поправат оштетената нафтена инфраструктура и да почнат да заработуваат пари за земјата, изјави Доналд Трамп.