„Така било пишано“ наспроти „Не се плаче над истурено млеко“

Не е баш секое метафорично и реално истурено млеко „ситница“ ама изреката, која датира од 17 век, сепак поттикнува на акција и е контра фатализмот вграден во нашите изреки на слична тема.

Во македонскиот немаме баш еквивалентен израз за „Не се плаче врз истурено млеко“ бидејќи тој сентимент е генерално вграден во „така било пишано“, „требало да биде“ и сличните на нив. Но во англискиот тој се користи за на сликовит и малку понефаталистички начин да потсети дека за нешто што веќе се случило и не може да се промени нема смисла дополнително да се нервираме, туку наместо тоа, треба да продолжиме понатаму, да го поправиме она што може да се поправи или едноставно да почнеме одново. Денес изразот понекогаш може да звучи и прилично бесчувствително, особено кога некој навистина минува низ тежок момент, но во себе сепак има никулец на дејствување а не пасивизација (како во нашите примери). 

Точниот настанок на изразот не е познат, но неговата историја може да се следи со векови. Најстариот познат запис потекнува од 1659 година, кога велшкиот писател Џејмс Хауел во својата книга „Паремоиографија“ ја употребил реченицата „Нема плачење за истуреното млеко“. Подоцна изразот продолжил да се менува. Во 1738 година, во есејот „Учтив разговор“ на Џонатан Свифт, се појавила формулацијата „Глупаво е да се плаче за истуреното млеко“. Современата верзија, блиска до онаа што ја знаеме денес, се појавила во 1872 година во британското списание „Уан а Вик“: „Нема корист да се плаче над истуреното млеко“. Американскиот англиски подоцна го заменил „spilt“ со „spilled“, но суштината останала иста.

Во основа, изразот значи дека нешто веќе се случило и не можеме да го вратиме времето назад, па бесот, жалењето или бескрајното преиспитување нема да ја подобрат ситуацијата. Ако сте направиле грешка, донеле погрешна одлука или едноставно ви се случило нешто што било надвор од ваша контрола, единственото корисно нешто е да видите што може да се направи понатаму. Но изразот со текот на времето добил и малку поинакво значење. Денес понекогаш се користи во смисла дека нешто било толку ситно и неважно што не вреди да се вознемируваме поради тоа. Така, „Не плачи над истуреното млеко“ постепено се приближило и до идејата „Не се оптоварувај со ситници“. Иако понекогаш последното млеко за утринското кафе истурено на подот и не изгледа баш како ситница.

18 септември 2026 - 10:05