Лауреат на „Манаки“ е славен кинематографер кој не сакал да има ништо со филмот

По повеќе од четири децении зад камерата, Дан Лаустсен ни доаѓа како добитник на „Златна камера 300“ за животно дело на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој почнува во сабота, 19.09.. Наградата му припаѓа на човек чија кариера започнала со прилично несериозна причина – сестра му видела оглас во весник – и со човек кој во тој момент тврдел дека филмот воопшто не го интересира.

Дан Лаустсен не сонувал да стане кинематографер. Всушност, кога неговата постара сестра во весникот прочитала дека Данската филмска школа прима нови студенти и му предложила да се пријави, тој ѝ објаснил дека филмот воопшто не го интересира и дека не знае ништо за него. Сепак, бидејќи во тој момент се занимавал со модна фотографија, испратил неколку слики. Го примиле, а останатото е историја – прилично долга, со многу темни сцени, силни бои, необични суштества, убиства, љубов и три номинации за Оскар.

Денес Лаустсен е еден од најпознатите европски кинематографери кои направија голема меѓународна кариера. Неговиот потпис најлесно се препознава по начинот на кој ја користи светлината: кај него таа не служи само за да ги осветли актерите, туку станува дел од приказната. Сенките, боите и контрастите создаваат расположение, напнатост и понекогаш чувство дека светот што го гледаме е малку (малку?) поинаков од нашиот.

Неговата филмографија е необично разновидна. Работел на дански и европски продукции, но и на големи холивудски филмови како неколку поглавја од серијалот „Џон Вик“, „Кримсон Пик“, „Обликот на водата“ и „Кошмарна улица“. Ако „Џон Вик“ го покажува неговиот талент за динамика, боја и прецизно движење на камерата, филмовите на дел Торо му овозможуваат да оди во сосема друга насока – кон бајковитото, готското, чудовишното и морничавото.

Со дел Торо Лаустсен разви една од своите најзначајни професионални соработки. По „Кримсон Пик“ следувал „Обликот на водата“, за кој ја доби својата прва номинација за Оскар, а филмот на крајот му ја донесе и статуетката. Потоа следувал „Кошмарна улица“, повторно со номинација, а нивната соработка продолжи и со „Франкенштајн“. Интересно е што Лаустсен не го гледа „Франкенштајн“ само како хорор или готска приказна. За него, зад чудовиштето стои приказна за осаменост, љубов, простување и потреба да бидеме прифатени. И токму затоа визуелниот свет на филмот не е само мрачен – тој е и емотивен.

Лаустсен, сепак, не се однесува како човек кој треба да ја наметне сопствената визија по секоја цена. Кога зборува за работата со режисерите, често нагласува дека неговата задача е да им помогне да го направат нивниот филм, а не неговиот. Можеби токму тука лежи дел од неговата долговечност: наместо да се повторува себеси, тој го менува визуелниот јазик во зависност од приказната.

Види претходно: 
Букбокс гледанка за „Обликот на водата“ (2017)
Како се разликува новиот филм „Франкештајн“ од книгата

16 септември 2026 - 11:00