Собирачот на отпад е еден вид Сизиф на потрошувачкото општество. Секој ден одново ги обиколува домовите и ги собира вреќите со ѓубре што не престануваат да се трупаат. Без луѓето кои го собираат, ѓубрето би ги затрупало градовите и би се создале сериозни здравствени ризици.
Симон Паре-Пупар се вработил како собирач на отпад во Монтреал за да може да си го плати факултетот. Но откако дипломирал социологија и меѓународен бизнис, а потоа работел и како новинар и социјален работник, тој повторно се вратил на својата прва професија. На крајот, во неа останал цели дваесет години. Тој ја поврзува својата работа со идејата на филозофот Жорж Батај за „проколнатиот дел“ на изобилството: секое општество кое произведува вишок мора некако да се справи со него.
Во 2024 година канадскиот издавач Лукс ги објавил неговите мемоари „Ѓубре: дневник на еден собирач на отпад“. Книгата речиси преку ноќ станала хит во Канада, а во 2025 ја добила и наградата на квебечките библиотеки. Наскоро била преведена на англиски и објавена во САД.
Во дваесетте години работа Паре-Пупар проценува дека пренел речиси 70.000 тони отпад. Тој во книгата пишува дека погледите на луѓето на неговата маршрута понекогаш му даваат чувство дека го поистоветуваат со отпадот што го собира. Но тој својата работа ја гледа сосема поинаку. За него, собирачите на отпад ја отстрануваат „дамката“ на потрошувачкото општество и прават системот да функционира, иако нивниот труд најчесто останува невидлив.
Токму затоа сака да ја промени сликата за луѓето што ја вршат оваа работа. Не сака тие да бидат претставувани како апстрактни „работници“ или како дел од невидливата инфраструктура на градот, туку како луѓе со сопствени приказни, карактери и достоинство.
Неговиот пат до оваа професија е поврзан и со тешкото детство. Татко му бил алкохоличар, поради што родителите се развеле. Паре-Пупар растел со чувство дека во очите на својот татко не вреди доволно и дека ништо што ќе направи не е доволно добро. Подоцна мајка му повторно се омажила, но ниту односот со очувот не бил лесен. Тој постојано му велел да „стане маж“. Кога Симон во еден момент го прашал што треба да направи за да стане маж, очувот саркастично му одговорил да се обиде да трча по камион за собирање отпад, бидејќи тоа наводно била тешка работа.
Во светот на собирачите на отпад постојат сопствени правила и своевидна култура. Паре-Пупар со хумор забележува дека „вистински собирач“ стануваш откако ќе научиш да пцуеш – еден вид ритуал на иницијација во професијата. Истовремено, многу брзо станува јасно дека ова е професија со исклучително низок општествен статус. Токму тука се наоѓа еден од парадоксите што ја прават книгата интересна. Ако веќе си на самото дно на општествената скала, пишува авторот, во тоа може да има и одредена утеха: „Не можеш да паднеш пониско.“