Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) неодамна ги објави резултатите од меѓународното оценување ПИСА на ученици на 15-годишна возраст, според кои македонските ученици постигнале пониски резултати од просекот во сите три главни области (математика, читање и наука), а и генерално пониски во споредба со 2022. Кај нас веднаш почнаа политички обвинувања за ваквата ситуација, а земји кои постигнаа историски најлоши резултати, како Словенија, објави дека веднаш ќе се зафати со реформи, меѓу другото со укинување на деветолетката и враќање на системот на основно образование со осум одделенија.
Самиот концепт на ПИСА тестирање има свои маани (не ги зема предвид знаењата од уметноста и општествените науки; креативноста; социјалните разлики помеѓу државите итн.), па оттаму директното корелирање на резултатите со квалитетот на образованието во одредена земја би било погрешно. Сепак, има еден интересен детал кој генералната „топ листа“ резултати не го покажува, а тоа е колку големи можат да бидат разликите во образовните постигнувања внатре во една иста држава. Примерот на Шпанија е особено интересен: додека земјата како целина ги бележи своите најлоши резултати досега, една од нејзините автономни заедници – Мадрид – постигнува резултати значително над националниот просек и се искачува на првото место меѓу шпанските региони.
Учениците од Мадрид постигнале 477 поени по математика и 495 поени по природни науки, што е повеќе од кој било друг шпански регион. Во математика Мадрид од четвртото се искачил на првото место, додека во природни науки од петтото стигнал до врвот, оставајќи ги зад себе и досегашните лидери. Во читање постигнале 469 поени и се наоѓаат само два поена зад првопласираната Астурија. Разликата со националниот просек е значителна – до 20 поени, а резултатите на Мадрид се повисоки и од просекот на ОЕЦД и Европската Унија. Во некои области учениците од Мадрид постигнуваат резултати подобри и од учениците во земји кои традиционално се сметаат за успешни образовни системи, меѓу нив Финска, Шведска, Данска, Франција, Германија и САД.
Сликата станува уште поинтересна ако се спореди со резултатот на Шпанија како целина. Земјата постигнала 457 поени по математика, 477 по природни науки и 451 по читање, со што во сите три области останува под просекот на ОЕЦД. Во споредба со претходното тестирање, математиката опаднала за 16 поени, природните науки за 7, а читањето доживеало пад од дури 23 поени – најлош резултат во последните две децении.
Така, во рамките на една држава се појавуваат две многу различни слики: национален образовен систем со историски слаб резултат и автономна заедница која се наоѓа меѓу значително подобрите образовни системи.
Што ни кажува овој пример? Тој е важен затоа што покажува дека националниот резултат не мора нужно да ја опише целата реалност на образованието во една земја. Шпанија не е единствен образовен простор со една политика, еден модел и еднакви услови. Нејзините автономни заедници имаат значителен простор за креирање сопствени образовни политики, што овозможува да се појават различни пристапи и резултати.
Мадридската регионална влада токму ова го истакнува како доказ за успешноста на сопствениот модел. Според неа, подобрите резултати се поврзани со зголемените вложувања во образованието, наставниот кадар, стипендиите и помошта за семејствата. За тековната година регионот наведува речиси 1.900 нови наставници, од кои 673 се ангажирани конкретно за дополнителна поддршка по математика и читање.
Но примерот е интересен и од друга причина: Мадрид отворено се дистанцира од делови од националната образовна политика. Владата на автономната заедница, предводена од Изабел Дијаз Ајусо, веќе подолг период е во конфликт со централната власт околу образовните политики, вклучително и околу содржините на средното образование. Мадрид најавува дека и натаму ќе презема мерки против, како што ги оценува, негативните ефекти од националниот закон за образование.
Секако, самите резултати од ПИСА не се директен доказ дека токму една конкретна политика е директната причина за подобриот резултат (иако сигурно таму политички и медиумски сега се користи токму така). Образовните постигнувања зависат од многу фактори: социјалната структура на населението, економските услови, културниот капитал на семејствата, составот на училиштата, ресурсите, наставниот кадар, начинот на управување и низа други околности. Можеби во Мадрид секој од овие елементи е малку подобар, па оттаму и подобрите резултати.
Иако кај нас локалната образовна автономија не е толку голема каква што е очигледно во Шпанија, токму една ваква анализа на локалните постигнувања (главниот град наспроти Кавадарци, пример) можеби би укажала на локалните разлики и на она што на едно место се прави подобро, и тоа не само во областа на образованието. Иако интуитивно се претпоставува дека би водело Скопје, не би се обложиле баш во тоа. Нашите пари ги ставаме на селско школо, во кое се уште предност има природната интелигенција.
извор (видено на блогот Маргинал револушн)