Медицинските сензори што се голтаат овозможуваат следење на состојбата на организмот одвнатре, но нивното напојување досега претставуваше проблем. Обичните батерии содржат материјали што не се погодни за внесување во организмот, додека другите решенија зависат од надворешни извори на енергија. Тим предводен од истражувачи од MIT сега развил батерија која, откако ќе ја заврши својата функција, постепено се разградува.
Батеријата користи електроди од магнезиум и молибден, метали кои во мали количества се безбедни за организмот и имаат улоги во нормалното функционирање на телото. Како електролит, односно материјалот што го пренесува електричниот полнеж меѓу електродите, се користи биоразградлива солена течност. Една од електродите е поврзана со целулозни влакна, материјал присутен во растителните клетки, поради што батеријата има структура налик на хартија.
Идејата делумно потекнала од оризовата хартија што се користи за некои слатки. Целата батерија дополнително е обложена со природни восоци. Тие не служат само како заштита, туку го контролираат и времето во кое батеријата останува функционална пред да започне да се разградува.
Истражувачите направиле две верзии со различна големина и напон. Кога ги изложиле на кисела течност слична на желудечната киселина, батериите функционирале нормално околу три дена. Потоа нивната моќ постепено опаѓала, а целиот материјал се разградувал во рок од неколку месеци.
Батериите биле вградени во два различни медицински уреди и испитани кај живи свињи, чии дигестивни системи се слични на човечкиот. Едниот бил сензор за идентификување радио фрекфенција што испраќал информации од желудникот до приемник надвор од телото. Сензорот успешно пренесувал податоци до уред на растојание од околу метар и половина.
Другиот уред бил капсула која произведува електрична струја и со неа го стимулира желудечното ткиво. Целта била да се поттикне организмот да произведува грелин, хормон поврзан со чувството на глад. По 20 минути електрична стимулација, нивото на грелин кај свињите се зголемило за околу 50 проценти.
Ова е важно и затоа што класичните литиум-јонски батерии, какви што се користат во телефоните и лаптопите, не се погодни за имплантација во организмот поради потенцијалната токсичност. Новата технологија би можела да поттикне медицински уреди кои по завршувањето на својата задача не мора да се вадат со нова операција, туку постепено се разградуваат.
извор