Грета Гарбо веројатно не можела да замисли дека еден ден, долго по нејзината смрт, повторно ќе се појави на екран за да рекламира – машински делови. А токму тоа се случува во новата реклама на шведско-американската компанија Свенска Кулагерфабрикен (SKF), во која со помош на вештачка интелигенција е реконструиран ликот на легендарната актерка.
Гарбо почина во 1990 година, но во 99-секундната реклама изгледа како штотуку да излегла од стар холивудски филм. Облечена е елегантно, снимена во стилизиранo осветлување и зборува, непотребно долго, за квалитетите на производите на компанијата. На крајот следува шега поврзана со една од најпознатите карактеристики на Гарбо – нејзината желба за приватност и осаменост.
Но од каде оваа врска помеѓу неа и СФК? Во 1921 година, кога имала само 15 години и сè уште се викала Грета Густафсон, таа се појавила во краток промотивен филм за компанијата. Тоа било во периодот кога работела и во стоковната куќа ПУБ во Стокхолм, каде што учествувала во реклами за женска облека. Токму тие ангажмани ѝ помогнале да влезе во светот на филмот.
Новата реклама, значи, си измислува врска со минатото, но не ја измислува целосно. Гарбо навистина била дел од реклама на СКФ како тинејџерка. Новата верзија ја претставува приказната како затворен круг: првиот филм на младата Гарбо бил за СКФ, а сега, како што вели самата ви видеото „последен“ (?), повторно се враќа во истата компанија.
Само што овојпат Гарбо не е навистина Гарбо. Дигиталната верзија изгледа како нешто меѓу роботизирана филмска ѕвезда и пародија на самата Гарбо. Таа ги има нејзините препознатливи физички карактеристики, студениот поглед и дистанцираниот глас, но недостига она што ја направило Гарбо голема актерка – непредвидливост, сензуалност, хумор и необјаснива харизма.
Прашањето е и како компанијата воопшто можела да го направи ова. Дигиталната Гарбо, наводно, не е создадена директно врз основа на нејзините филмски настапи, туку од други фотографии и визуелни материјали. Тоа можеби овозможило да се избегнат некои од правните и авторските ограничувања поврзани со нејзините филмови, а компанијата преговарала со далечни роднини на актерката.
СКФ не ја исклучува можноста дигиталната Гарбо да се користи и во други филмови. Ако тоа стане практика, прашањето неизбежно се шири: што спречува утре да ги „оживееме“ Хемфри Богарт, Гери Купер, Рита Хејворт или други одамна починати актери – не затоа што тие избрале да се појават, туку затоа што нивните наследници или носители на правата ќе дозволат нивните дигитални копии да бидат користени?
Токму тука лежи непријатноста на оваа реклама. Не станува збор само за тоа дали дигиталната Гарбо изгледа убедливо или дали рекламата е добра. Станува збор за новата можност технологијата да им даде „нов живот“ на луѓе кои веќе не можат самите да одлучат дали сакаат повторно да се појават пред камера.