Кирил Стоименов:

За македонцките стенд-ап ужаси

Никој не очекува нов Карлин да никне во Скопје или утре да најдеме нов Луи Си Кеј во Неготино. Но таа исфорсирана актерска експресија, таа стерилна исполираност, е толку несмешна што го атрофира самото срце на шегата. Гледаме и слушаме тесктови што се како тела без души. Како и на многу светски сцени, и кај нас доминантната техника сè уште почива врз имитации, мимики и гегови. А стендапот не е тоа.

Сè започна со ураганот од клипови што деновиве ми го изораа фидот. Бевме сведоци на меѓусебно препукување, сиромашно драмење и патетично вадење валкани алишта по социјалните мрежи од страна на нашиве дотични „комичари“. Како тврдокорен фан и заљубеник во стендап-комедијата, жанр со кој сум растел и чија анатомија ја познавам прилично добро, ова што се случува во македонските комичарски кругови е, најблаго кажано, трагично. Пан-сетилна анихилација. Не само поради неодамнешните сензационалистички двобои, туку генерално.

Нашата гламурозна стендап-сцена е точак со помошни тркала што упорно се претставува како Харли Дејвидсон. Школска приредба што упорно се рекламира како Бродвеј. Но пред локално да ги дисецирам, првин една мала воопштена анализа на целиот циркус, зад кој лежи еден подлабок и суштински проблем што со години будно го опсервирам. Најголем дел од нашите стендапери, ако не и сите, пред сè се актери. Токму овој феномен сакам да го продискутирам од глобално до локално ниво. Но прво хвалоспев, како што си е редот. Школуваните актери обично доаѓаат на стендап-сцената вооружени со одлична контрола на гласот, извежбан ритам и беспрекорна дикција. Иако под светлата на рефлекторите сцената е сцена и на прв поглед изгледа идентично, правилата за опстанок во стендап-џунглата директно им противречат на класичните театарски канони. Актерското искуство несомнено дава силна почетна предност кога е во прашање физичката механика на настапот, но истовремено всадува и подмолни навики кои можат да бидат фатални пред жива, непредвидлива и неопростлива публика. Ова повеќе важи на светско рамниште. Кај нас уште се аплаудира и паѓа у бесознание кога некој на сцена ќе спомне гениталии.

Најочигледниот адут што еден актер го носи со себе е сценското присуство. Театарските професионалци знаат како да го владеат просторот, како да го испратат гласот до последниот ред, да ја уловат светлината и да застанат пред толпа без да ги парализира тремата. Понатаму, нивната способност целосно да му се посветат на ликот кој го играат е за восхит. Кога актерот преминува во драматизација, вплотува друг лик или физички пантомимира одредена ситуација, тоа го прави со хируршка прецизност за која на стендап-комичарите што немаат актерско искуство би им биле потребни години макотрпна работа. Тие брзо го чувствуваат темпото и лесно ја претвораат дури и најпрозаичната приказна во нешто динамично и живо.

Но сетот алатки врз кој почива театарот, на комичарската сцена знае да стане пречка. Станува збор за таканаречениот „четврти ѕид“. Театарската обука го учи актерот да се потопи во имагинарен свет и да се преправа дека публиката зад светлата не постои. Ако нечиј телефон заѕвони во последниот ред или некој дофрли зајадлива забелешка, актерскиот инстинкт диктира сè да се игнорира за да се зачува илузијата на ликот и текот на текстот. Стендап-комедијата, напротив, живее токму позади руините на тој ѕид. Таму не постои заштитна рамка. Публиката не дошла за илузија. Таа публика бара директна, сирова и брутално непосредна поврзаност. Вистинскиот комичар мора моментално да ја почувствува енергијата во просторијата и да реагира во истата секунда кога атмосферата ќе се заниша.

Во последно време сè поактуелен е таканаречениот крауд-ворк пристап. Модел што се темели на интеракција со публиката, пред се корисен за справување со досадни дофрлувачи од публиката што некако метастазираше во цели настапи. Со тек на време ова се претвори во едно стерилно, некреативно и тинејџерско играње кур-ташак како на гимназиски голем одмор. Репликите и поентите најчесто се на прва, површни и банални. Се коментира личен изглед, професија, место на раѓање, етничка припадност или некоја случајна фалинка што седнала во првиот ред. Овој пристап веќе гледам дека сè повеќе се форсира и кај нас. Но, стендапот е многу поголем од тие тривијалности.

И тука неминовно доаѓаме до втората суштинска дилема: исполираност наспроти сировост. Претерано увежбаната и академски совршена изведба често делува вештачки и туѓо во интимниот мрак на комичарската атмосфера. Публиката го чувствува научениот текст на километар и инстинктивно го оттурнува. Луѓето што дошле на стендап не дошле на претстава. Тие сакаат да почувствуваат дека изведувачот разговара лично со нив. Во реално време. Без филтри. Онаа автентичност по која копнее стендап-публиката бара безусловно соблекување на театарската маска што актерот со години се обидувал да ја усоврши.

На крајот, суштинскиот расцеп лежи во авторството. Актерите, по дефиниција, се виртуозни толкувачи. Обучени се да земат туѓи зборови и преку себе да им вдахнат живот. Од друга страна, стендап-комичарите се апсолутни автори. Тие мора сами да го создадат својот материјал од нула и да изградат препознатлив, длабоко личен, а понекогаш и извитоперен поглед на светот. Во меѓувреме слушам дека некои наши „врвни“ комичари веќе имаат гоустрајтери - луѓе што им пишуваат или модифицираат материјал. Ова отвара едно непријатно прашање: ако некој друг ви ги мисли мислите, колку навистина сте вие автор на сопствениот глас?

Вистинските комичари идеите ги тестираат по клубови, со години ги кршат, ги преправаат, ги усовршуваат или ги фрлаат во ѓубре сè додека од нив не остане само најцврстото јадро. Дури потоа тие парчиња се пакуваат во она што подоцна ќе стане специјал. Многу актери изгледаат чудно на комичарската сцена не затоа што им недостигаат сценски вештини, туку затоа што, откако ќе ја симнат маската и ќе го фрлат сценариото, сè уште не откриле што всушност имаат да му кажат на светот. Немаат потпис. Кога немаш сопствен авторски став, кога немаш изградено личен поглед на светот и кога панично се плашиш да бидеш ранлив пред публиката, ти си далеку од комичар. Веројатно си солиден актер на погрешна сцена.

Нашите дотични комедијанти, наместо да поминат години крвавејќи по клубови, да пишуваат, да бришат, да фрлаат во ѓубре и повторно да градат материјал, многу полесно избираат да режираат евтини претстави. Како што, впрочем, и самите ги нарекуваат. И во ред е. Свесен сум дека културолошки кај нас оваа перформативна форма е сè уште во бебе-фаза. Публиката допрва развива стомак и филтер за стендап, за разлика од Америка, каде што овој занает се ковa повеќе од половина век.

Никој не очекува нов Карлин да никне во Скопје или утре да најдеме нов Луи Си Кеј во Неготино. Но таа исфорсирана актерска експресија, таа стерилна исполираност, е толку несмешна што го атрофира самото срце на шегата. Гледаме и слушаме тесктови што се како тела без души. Како и на многу светски сцени, и кај нас доминантната техника сè уште почива врз имитации, мимики и гегови. А стендапот не е тоа. Во стендапот раскажуваш приказна. Го опсервираш светот. Жонgлираш со апсурдите на секојдневното. Му даваш сопствен агол на она што сите го гледаат, а никој не го забележува. Не имитираш други луѓе - се имитираш самиот себе.

Хуморот е сериозна работа. Хуморот е психолошки одбранбен механизам. Хуморот е чистокрвна социологија и алатка преку која едно општество си ги дијагностицира сопствените неврози, стравови и лицемерства. Токму затоа не е доволно само да бидеш харизматичен и сценски писмен. Вистинскиот комичар има што да каже, да даде уникатно гледиште и да потпише со две раце. Скандалите што деновиве се истураат по социјалните мрежи не се причината за состојбата на македонската стендап-сцена. Тие се само обичен симптом на сцена што прерано посака да има ѕвезди пред да изгради автори и што повеќе се грижи за клипување отколку за материјал.

Без став нема комедија. Има само актерство. И лошо актерство, одозгора на тога, што би рекол еден стендап трагичар од Муртино, струмичко.

Кирил Стоименов - хумор за недораснати

2 октомври 2026 - 11:25