Според Џон Меклафлин, кој повеќе од 30 години работел во американската разузнавачка служба, вклучително и како заменик-директор, професиите магионичар и агент на ЦИА имаат повеќе заедничко отколку што би помислиле. Неговата фасцинација со магијата започнала уште во детството, кога во библиотека ја открил книгата „Побрзо од окото“ - прирачник за магионичарски трикови од 1932 година, чиј автор бил Џон Малхоланд. Истиот автор имал напишано и многу поспецијализирани прирачници, како „Некои оперативни примени на вештината на измамата“ и „Сигнали на препознавање“, за кои знаеле само луѓе со соодветно безбедносно овластување.
Во 1953 година Малхоланд ја напуштил функцијата уредник на списанието „Сфинга“ кадешто работел како новинар, официјално поради здравствени причини. Вистинската причина била поинаква: започнал да работи за ЦИА.
Агенцијата била основана само шест години претходно и сè уште го дефинирала начинот на кој ќе ја исполнува својата задача – спречување неочекувани странски напади врз САД и спротивставување на ширењето на комунизмот низ светот. Во тој контекст, вештините на искусните магионичари – маскирање, одвлекување внимание, незабележливо манипулирање со предмети и измама на набљудувачот – можеле да бидат исклучително корисни. Аналитичарите, како и магионичарите, морале добро да ги познаваат техниките на измама, бидејќи речиси секогаш работат со непотполни информации, додека противникот намерно се обидува да ги доведе во заблуда.
Прирачниците на Малхоланд биле создадени во времето на тајната програма МКУЛТРА, позната по експериментите на ЦИА со влијание врз човечкото однесување и умот. Долго време се сметало дека неговите прирачници биле уништени во 1973 година, заедно со голем број други документи на агенцијата. Но, во текот на процесите на декласификација во 2000-тите тие неочекувано повторно се појавиле. Подоцна историчарите на ЦИА, Х. Кит Мелтон и Роберт Валас, ги објавиле во книгата „Официјалниот прирачник на ЦИА за трикови и измама“ (јавно достапен тука)
Некои од техниките што ги опишува Малхоланд денес звучат речиси како сцени од стар шпионски филм. Една од нив, на пример, овозможувала тајно транспортирање на шпион со механизам сличен на оној со кој на сцена се создава илузијата дека човек е пресечен на половина. Друга овозможувала незабележливо да се стави апче во пијалок.
Денес, дел од советите во прирачникот звучат речиси како упатство за исчезнат свет. Некои од триковите се потпираат на навики што денес се многу поретки – пушење и пиење во одредени социјални ситуации. Прирачникот дури содржи и анализа на различните џебови на машките костуми и објаснување во кои од нив најприродно може незабележливо да се стави или извади некој предмет.
Романтиката на шпионажата можеби одамна избледела, како и многу други нешта карактеристични за средината на 20 век. Но, како што покажуваат магионичарите, старите трикови секогаш можат да добијат нов живот во ново време.
Види претходно: Водич на ЦИА од Втора светска војна за саботажа на работно место ќе ви се види познат