Во научна статија под наслов „Кластерираните главоболки се една од најболните човечки состојби“ авторите анализирале одговори од луѓе со ваква мака, кои ја оценувале својата болка на скала од 0 до 10 и ја споредувале со други болни искуства што лично ги доживеале. Резултатот бил впечатлив: кластер-главоболката добила просечна оценка од 9,7, додека прострелната рана добила 6, бубрежните камења 6,9, а жолчните камења 6,3. Породувањето, кое често се наведува како едно од најболните физички искуства, исто така било оценето пониско од кластер-главоболката. Ова секако не е универзална листа на најболните човечки искуства, но сепак е релевантна субјективна споредба на луѓе кои страдале од истото нарушување.
Нападите кај нив се појавуваат во циклуси, понекогаш неколкупати дневно, а можат да траат од 15 минути до три часа. Болката најчесто е концентрирана околу едното око и слепоочницата, а може да биде придружена со солзење, црвенило на окото, затнат нос, потење и силен немир. Еден од соговорниците во нова епизода на подкастот Американ лајф на оваа тема ја опишува како чувство дека очната празнина му е исполнета со вжарен јаглен, додека некој постојано го удира по лицето. Друг раскажува дека во најтешките напади се самоповредува, обидувајќи се да го издржи она што не може да го запре. Се смета дека состојбата е поврзана со нарушена активност на хипоталамусот, дел од мозокот што, меѓу другото, го регулира биолошкиот часовник. Затоа нападите често се појавуваат во речиси исто време секој ден, неретко во текот на ноќта.
Епизодата ги соочува овие сведоштва со искуствата на луѓе што имале бубрежни камења, прострелни рани, скршеници, ендометриоза и породување. Една жена, која двапати се породила и стотици пати имала кластер-главоболки, смета дека породувањето било исклучително болно, но нападите на главоболка ги оценува како уште потешки. Истовремено, таа нагласува дека станува збор за две сосема различни искуства: едното завршува со раѓање дете, додека другото носи само страдање. Тука се отвора и чувствителното прашање за споредувањето на женската болка, која во медицината и здравствениот систем историски често била потценувана или недоволно сфаќана. Обидот да се прогласи една болка за „поголема“ од друга лесно може да се претвори во натпревар во кој некој повторно ќе се почувствува непризнат.
Можеби најважниот дел од приказната, сепак, не е истражувањето, туку искуството на луѓето што конечно се среќаваат со други кои страдаат од истото нарушување. Еден од авторите на прилогот, кој и самиот има кластер-главоболки уште од детството, раскажува дека дотогаш се чувствувал осамено и дека му било тешко да им објасни на другите низ што поминува. Разговорите со луѓе со истата дијагноза му донеле нешто поважно од потврдата дека неговата болка е навистина силна: чувство дека некој конечно го разбира. Така, истражувањето што започнало како обид за рангирање на најтешките физички страдања завршува со поинаква поента - болката можеби може да се измери, но не може вистински да се пренесе преку бројки.