Сценарио на Европа за 2030 година:

Путин умира, Русија ја напаѓа Естонија, НАТО губи

Додека Вашингтон и Москва се обидуваат да конструираат нова безбедносна архитектура на континентот, Европски аналитичари развиваат сценарија за војна на НАТО со Русија, веќе во 2030 година. Сценариото изработено од RAND Europe проектира пораз на НАТО, како дискретен повик за милитаризација, засилување на одбранбената индустрија и цивилната заштита.

Авторите, Џејмс Блек, Киран Суман-Чаухан и Лиан Јорио, нагласуваат дека извештајот „Подготвени за војна 2030“ не е предвидување, туку само едно од можните сценарија за развој на настаните во Европа. Признаваат дека намерно уфрлиле вознемирувачки елементи, за да биде провокативно. Според RAND Europe, документот е самофинансиран и првенствено е наменет за британските креатори на политики.

Накратко: Путин умира, генерал во Кремљ наредува инвазија врз Естонија, НАТО возвраќа обединето, но сепак на крајот губи.

2027: Промена на власта во Кремљ

Владимир Путин умира од природна смрт во јануари. Нема атентат, нема државен удар. По внатрешна политичка битка, генерал од Федералната служба за безбедност во март ја презема власта во Кремљ. За да обезбеди стабилност, новиот претседател прифаќа прекин на огнот во Украина заради ублажување на санкциите. Војната не запира. Русите ја држат контролата врз окупираните територии и го користат затишјето за реорганизација. Мировните преговори пропаѓаат во јули.

2028-2029: Хибридна војна против Европа

Новиот лидер во Кремљ ја нема моќта на Путин. Економијата слабее, а тврдокорните струи во војската бараат заземање построг однос кон НАТО. Како одговор, тој започнува хибридни напади врз Европа. Во септември 2029 година кибернетски напад ги парализира супермаркетите „Теско“; за само неколку дена, полиците остануваат празни. Во зимата 2029 година, Лондон и југоисточна Англија остануваат без струја по саботажа врз електраната „Грејн“. Вашингтон пренасочува фокусот кон Јужна Америка во која избувнува нова криза. Европа повеќе не може да очекува значителни засилувања од Америка.

Мај 2030 година: Инвазија врз Естонија

Русија се решава на воена инвазија врз Естонија, не за да освои територија, туку за да го провери единството на НАТО и клаузулата за колективна одбрана. Нападната е Нарва, трет по големина град во Естонија непосредно покрај граничната река, со голем број жители што зборуваат руски. Москва поттикнува протести, кои прераснуваат во немири. По остра реакција на естонските власти, Москва испраќа војници за да го заштитат руското население.

Јуни-октомври 2030: Битка за Арктикот

НАТО веднаш го активира Членот 5 за колективна одбрана. Речиси сите земји-членки испраќаат војници. САД имаат само ограничена улога. Русија им се заканува на Свалбард и на Норвешка. Нејзините подморници се обидуваат да пробијат во Атлантикот. Британија е изложена на ракетни напади; први цели се воздушните бази и пристаништата. Москва објавува дека нејзиното тактичко нуклеарно оружје е подготвено за употреба. Лондон и  НАТО се парализираат.

Ноември 2030: Примирје и замрзнат конфликт

Естонија одбива да капитулира. Европејците го држат фронтот, но се заглавени во војна на исцрпување. НАТО не успева да организира контраофанзива. Лидерот во Кремљ ја прогласува операцијата за успешна и нуди примирје. Европа добива втор замрзнат конфликт. Мировните преговори се во застој, а Нарва останува под окупација.

Тука сценариото завршува. Авторите се убедени дека заканата од војна е реална. Целта на документот е да се укаже на потенцијалните слаби точки на Европа и Британија, од здравствениот систем па сè до нуклеарното одвраќање.

Прашањето веќе не е дали е можна војна, туку дали сме подготвени да ја водиме, забележуваат авторите.

13 ноември 2026 - 11:00