- Вчера, 27 септември, Иво Бару ја освои титулата на „Државното првенство во Катан 2026“. Шампионатот се одржа во новоотворениот простор за друштвени игри „Рулбук“ во Скопје, а турнирот беше организиран од „Гоблин“. На масите се собраа 64 играчи, кои повеќе од десет часа се натпреваруваа за титулата најдобар играч на „Catan“ во земјава.
- Победата има и дополнително значење бидејќи со неа Бару добива можност Македонија да ја претставува на европската сцена. Како национален шампион, тој ќе настапи на CATAN European Championship 2026, кое во ноември ќе се одржи во Португалија. Според официјалниот систем на CATAN, националните првенства се патот преку кој играчите се квалификуваат за меѓународните натпревари, а шампионите добиваат можност да се борат со најдобрите играчи од другите земји.
- Иво има пишувано во нашата подрубрика Букбокс друштвени игри, осврт под наслов „Фотосинтеза или како да не бидеш 'дрво' за садење дрвја“.
- Независната продукција на „Госпоѓица Јулија“, по текст на Аугуст Стриндберг, а во режија на Иван Јерчиќ, ќе биде изведена во културниот и едукативен центар Лабораториум во петок, 13 ноември, во 20 часот.
- Претставата првично е поставена и редовно се игра во КИЦ Офицерски Дом во Битола, а ова е нејзиното прво гостување во Скопје. Улогите ги толкуваат Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Стефанов и Марија Стефановска, а сценскиот дизајн е на Марта Дојчиновска.
- За претставата се вели дека е „современо читање на Стриндберг кое не нуди утеха, ниту морални одговори. Наместо тоа, полека и прецизно ги отвора пукнатините во човекот, таму каде што моќта, желбата и манипулацијата престануваат да бидат општествени категории и стануваат интимна состојба. Претставата има речиси скандинавска студеност.“
Билети на МКТикетс и на влез пред почеток на претставата.
- Младиот ликовен уметник од Кочани, Давид Јосифов, во културниот и едукативен центар Лабораториум ќе го претстави своето дело „Змејот од Плачковица“, триптих од скулптури во акрил на метал Отворањето на изложбата ќе се одржи во четврток на 12 ноември во 20 часот.
- Давид е студент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и последниве неколку години се фокусирал во ѕидното сликарство. Со „Змејот од Плачковица“, тој се впушта во тродимензионален израз. Идејата од самиот почеток на резиденцијата беше да се работи со разновидни рециклирани и индустриски материјали кои упатуваат на еколошки и општествени прашања, со посебен фокус на ликот на змејот како заштитник на природата.
- Делото е развиено во рамки на резиденцијалната програма „Нови Лица“, во соработка со менторот Владимир Благојевиќ, дипломиран етнолог, музејски едукатор, истакнат уметник, илустратор и автор на медиумски програми од областа на уметноста.
- Ова е нова резиденција во рамки на програмата „Нови Лица“ во Лабораториум, во која претходно Јана Наскова имаше изложба на фотографии „Од шкафот“, Канита Кеј Зеќировиќ го промовираше фанзинот „Наши“, Кристина Таневска работеше мурал во Лабораториум, а Дамјан Чемерски, Давид Станковиќ и Лука Петковски го презентираа мултимедијалниот музички проект „Dаvidian“.