Букбокс друштвени игри: „Фотосинтеза“ или како да не бидеш „дрво“ за садење дрвја

Третиот текст во оваа подрубрика е инспириран од ритамот на природата што го сведочиме од нашиот прозорец - со секој изминат ден сонцето е посилно, вегетацијата разлистува, се слуша песната на птиците. Заедно со интензивниот априлски дожд, ова најавува дека новонасадените дрвја добро ќе се фатат. И ќе пораснат...за едно десет години. Но има и побрз начин од семка да пораснеш дрво и да му се радуваш - играјќи ја оваа игра.

пишува: Иво Бару

Да, јас сум 40 годишен маж, сопруг, татко и се радвам ко мало дете кога играм друштвени игри. Мене ме личи во кафана, на шалтер во банка, на предновогодишен афтер-ворк парти, ме личи пред телевизор секој вторник и среда од девет, ама не ме личи седнат на клупа во парк како поставувам чоече на таблата, земам две овци и ги ставам во оградениот дел пред мојата „куќа“, со идеја следниот круг да се направат три.

Ама кога сум праел јас нешто шо ме личи? Сум го праел она шо ми е кеф. И знајте шо? Има многу како мене. Поштовање, бордгејмери!

Со игрите, како и со многу други работи, кога ќе прашаш „какво е (нештото)?“, вообичаен одговор е да се направи споредба со друга игра - „А бе ја знајш она…? Е, нешто слично на неа, ама има и нови работи…“ итн. Одговорот на каква е „Фотосинтеза“, би започнал со „А бе знајш… уствари… знајш како… има дрвја…“ и овој избор на неврзани зборови би траел до моментот кога соговорникот ќе сфати дека не можи да направи споредба. Ретки се игрите шо успеваат да се одвојат од мнозинството и да бидат толку инвентивни, шо стануваат стандард самите за себе. Оваа е таква игра, која плени со иновативност и едноставност, но без тоа да се одрази врз комплексноста, што за мене е врв за една друштвена игра. 

(Иво, тој во средина)

Издавачот го дава следниот опис: неколку видови дрвја се натпреваруваат да растат и да ги рашират своите семиња борејќи се за сончевата светлина во една мала, но плодна, шума. Како што расте секое дрво, сонцето му ги допира лисјата, а тоа собирајќи сончева светлина формира крошна и фрла сенки на околните, пониски дрвја. Кога дрвото ќе го достигне крајот на својот животен циклус, играчите освојуваат поени. 

Со наши зборови, го растиш дрвото од семе, во меѓувреме ти дава сончева светлина (единствен ресурс во играта), шо ја трошиш за купвање на семиња и растење на дрвјата низ неколку нивоа, и на крај му ја маваш секирата за поени. За да не ги навредат љубителите на природата сенситивни на вакви пораки, претпоставката е дека ова е природен циклус на едно дрво. Најверојатно ова би била омилена игра помеѓу нашите градоначалници и советници, ама со custom, македонски правила. Правило бр. 1 - Не мора да чекаш да остари дрвото. Сечи.

Играта има две страни rule book, а правилата се објаснуваат за десет минути, што е показател за нејзината едноставност и достапност. Но истовремено, комплексноста дава чувство на партија шах, каде што се обидувате да маневрирате со вашите видови дрвја најдобро што можете за да ја искористите светлината. Наменета е за 2-4 играчи и со времетраење од околу еден час, прилично стратегиска и многу конкурентна, а истовремено да не те прави да се чувствуваш злобно или дека му наштетуваш на противниците. 

Уште на прв поглед, „Фотосинтеза“ освојува и со дизајнот. Уживање е само да се гледаат поставени на таблата сите тие различни видови на дрвја, по боја, форма и големина. Можи малце да се мачиш да ги разликуваш жолтата од портокаловата, ама не е страшно. Дрвјата на секој од играчите имаат различни форми (чудо е како не ги направија сите исти за да заштедат на трошоци). Ако човек се загледа подобро, ќе сфати дека и тие што изгледаат исто, не се исти. На голем број од нив се појавуваат прекрасни мали детали и слатки животинки, како лисици, зајчиња, птички и верверички. Во целиот дизајн преовладува кругот како форма, што додава на пријатното чувство и уникатноста. Не е ни чудо шо визуелниот дизајн е на жена. 

Посебно ја препорачувам за екологисти и љубители на природата. Издавачите дури се потрудиле да ја направат од рециклирани материјали, што значи дека воопшто не треба да се секирате дека уништиле вистински дрвја за ние да уживаме во мали лажни дрвциња. Вреди да се спомне дека беше изненадувачки хит и привлече огромен интерес при објавувањето на Ген Кон, најголемиот настан за друштвени игри во Северна Америка со над 70.000 посетители. 

За крај, хинт за идните играчи. Во првиот круг апгрејдни едно дрво. Кога си во можност, сади семиња од левел 2 дрвја и тоа како да се движиш со шаховски коњ по таблата. Ако ова сега не звучи логично, ќе биди ко ќе ја изиграте играта. Вообичаено сите се тепаат да ја фатат средината. Јас садам во двата надворешните кругови и гледам да имам едно исечено дрво повеќе на крајот од играта. Засега ми успева.

Види претходно:
„Војна против теророт“
„Како до лесен влез во ова хоби: игри за двајца“

21 април 2023 - 12:20