„Билбао ефект“: какво наследство остави архитектот Френк Гери?

На 96 години почина архитектот кој беше еден од најславните на своето време. Добитник на „Нобелот“ за архитектура - Прицкеровата награда во 1989, тој зад себе остави куп високопрофилни објекти, како концертната сала „Волт Дизни“ во Лос Анѓелес или зградата на фондацијата „Луј Витон“ во Париз. Сепак, еден музеј во Шпанија го има предизвикано најголемиот глобален ефект. 

Легендата вели дека кога го видел својот музеј Гугенхајм во Билбао, Шпанија, непосредно пред отворањето, славниот канадско-американски архитект Френк Гери, кој почина вчера 5.12. на 96 години, рекол нешто во стилот на она кошаркарското „Леле, што направивме!“. Откако е отворен во 1997, музејот стана светска сензација и го промени угледот на самиот град. Тој стана пример за т.н. „Билбао ефект“ – идејата дека голема културна инвестиција придружена со архитектонски спектакл може да оживее економски пропаднати градови. Иако голем број од нив потоа се обидоа да го копираат моделот, ниеден не го достигна оригиналот.

Проектот од самиот почеток бил замислен како средство за трансформација: Билбао, тогаш индустриски град во опаѓање и погоден од баскиски тероризам, сакал да создаде нова позитивна слика и да привлече светска публика. Со договор меѓу локалните власти и фондацијата Гугенхајм, се обезбедило брендирање, дела од колекцијата и меѓународен престиж, додека градот ја финансирал изградбата и функционирањето. Иако некои го критикувале проектот како културен империјализам, музејот многу брзо донел милиони посетители.

Гери бил замолен да создаде некаква „нова опера во Сиднеј“ – архитектонски симбол што ќе го спаси градот. Така се појавила зградата од титаниум и камен, со препознатливи свиени форми, објект кој истовремено потсетува на брод, палата или скулптура. Ова секако не била сосема нова идеја – и други градови граделе културни репери – но во Билбао контрастот меѓу запуштената околина и амбициозната архитектура бил особено драматичен.

Тој ги развил овие комплицирани форми со помош на напреден софтвер за авиони, што му овозможило да ги реализира без огромни трошоци. По успехот на музејот, компјутерски генерираните необични форми станале мода, но резултатите често биле плитки копии – спектакл без содржина. Некои проекти станале празни „архитектонски икони“ кои повеќе служеле како маркетинг отколку како вистинска културна вредност.

Една критика е дека впечатливата архитектура го засенува уметничкото дело кое е поставено внатре, но Гери одговара дека многу уметници уживале да изложуваат во толку значајна зграда. Тој се дистанцирал од баналните имитации на својот стил и велел дека оригиналниот музеј е внимателно интегриран со реката, историјата и структурата на градот – нешто што копиите го занемаруваат.

Секако, Билбао не се трансформирало само со музејот, туку со цела долгорочна стратегија и инвестиции во инфраструктура. Во моментот на неговото отворање, покрај зградата стоела и огромната цветна скулптура на Џеф Кунс, која терористи се обиделе да минираат – потсетување на насилната реалност од која градот се обидувал да избега.

Подоцна, фондацијата Гугенхајм се обидувала да создава слични „франшизи“ во други градови, со помалку успех. Но „вината“ што Билбао станал модел за надминување е неправедно да се префрли на самиот музеј: неговиот успех е резултат на специфични политички, културни и финансиски услови што не можат да се повторат.

6 декември 2025 - 11:19