Секоја Лунарна Нова година означува влегување во еден од 12-те знаци на кинескиот зодијак, при што секоја од нив се поврзува со одредени карактерни особини и со еден од петте елементи – дрво, оган, земја, метал и вода. Комбинацијата на животинскиот знак и елементот создава циклус што се повторува на секои 60 години.
Токму таква ретка комбинација е Годината на Огнениот Коњ. Коњот во кинеската традиција се смета за симбол на енергија, независност, храброст, издржливост и слобода. Историски гледано, коњите биле клучни за транспортот и земјоделството, па затоа претставуваат напредок и движење напред.
Кога на оваа симболика ќе ѝ се додаде елементот оган, карактеристиките стануваат уште поинтензивни. Огнот се поврзува со страст, топлина, трансформација и решителност. Наместо воздржаност, тој сугерира акција; наместо претпазливост – храброст и импулс. Затоа, Годината на Огнениот Коњ се смета за период со силна динамика, охрабрувачки за смели одлуки и иновации, но и склон кон импулсивност ако недостига размислување.
Поради тоа што оваа комбинација се јавува само еднаш во шест децении, таа историски била обвиена со различни толкувања. Последните Години на Огнениот Коњ биле 1906 и 1966 година.
Во 1906 се случиле значајни и трагични настани, како катастрофалниот земјотрес во Сан Франциско и голема рударска експлозија во Франција со повеќе од илјада жртви. Ваквите трагедии дополнително ја поттикнале идејата дека годината носи „лоша среќа“.
Особено силно суеверието се проширило во 1966 година, кога значително опаднала стапката на наталитет. Причината била верувањето дека девојчињата родени во таа година ќе бидат „непокорни“ и ќе им донесат несреќа на своите идни сопрузи. Многу семејства одлучиле да го одложат раѓањето деца, што дополнително ја зацврстило репутацијата на Огнениот Коњ како непредвидлив знак.
Сепак, истата 1966 година била исполнета и со значајни историски моменти: подемот на Индира Ганди на функцијата премиер на Индија, слетувањето на советското вселенско летало Луна 9 на Месечината, како и други политички и културни пресврти во време на Студената војна.
Важно е да се нагласи дека кинескиот зодијак функционира како симболичка рамка за толкување на карактерот и времето, а не како пророчка шема.
Годината на Огнениот Коњ, која започна на 17 февруари а ќе трае до 5 февруари 2027 (беше одбележана и кај нас во Лабораториум со богата програма), претставува симбол на движење, промена и одлучност. Таа може да се чита како културно наследство, духовен водич или инспиративна метафора за храброст. Без оглед на толкувањето, оваа комбинација останува една од најмоќните и најконтроверзни во кинескиот зодијак.