Кралскиот колеџ во Лондон симулирал реални воени сценарија во кои за генерали поставил три врвни модели со вештачка интелигенција - Chat GPT-5.2 на Опен АИ, Claude Sonnet 4 на Антропик и Gemini 3 Flash на Гугл. Одиграле 21 партија со вкупно 329 рунди и сите три, во дури 95% од симулациите, решиле да употребат нуклеарно оружје.
На моделите им била поставена што е можно пореална „скала за ескалација“, која им овозможила да користат широк распон на дејства, од дипломатски протести до користење на нуклеарен арсенал. Во сите одиграни партии, ниту еден модел никогаш не избрал целосно да се потчини на противникот или да капитулира, без оглед колку катастрофално губел. Во најдобар случај, моделите некој пат одлучиле привремено да го намалат нивото на насилство.
Од перспектива на нуклеарен ризик, наодите од игрите се вознемирувачки. За разлика од воздржаната реакција на повеќето луѓе соочени со одлуки со висок ризик, ботовите со ВИ меѓусебно ги засилуваат реакциите, со потенцијално катастрофални последици, предупредува Џејмс Џонсон од Универзитетот во Абердин.
Земји ширум светот веќе ја тестираат улогата на ВИ во воени сценарија. Пентагон пред неколку дена потпиша договор со компанијата xAI на Илон Маск за да дозволи користење на моделот Grok за строго доверливи одбранбени системи. Антропик, пак, е во судир со Пентагон затоа што не дозволува користење на Claude за масовно набљудување и анализа на податоци во воени операции во реално време.
Тонг Жао од Универзитетот Принстон верува дека воените команди нема да се осмелат да вклучат модели со ВИ во процесот на одлуки за користење на нуклеарните арсенали. Тој смета дека машините, за разлика од луѓето, не се целосно свесни за егзистенцијалната закана од нуклеарниот холокауст и затоа почесто притискаат на „црвеното копче“.

Што се однесува до резултатите од игрите, Claude бил апсолутен шампион, со 100% победи во сценаријата со отворен крај. Истражувачите го нарекоа „пресметлив јастреб“.
GPT-5.2 бил „Доктор Џекил и Мистер Хајд“. На ниско ниво од конфликт бил пасивен и ги потценувал противниците. Во една игра поминал 18 рунди со претпазливи мерки, пред да зададе нуклеарен удар во последната рунда.
Gemini бил „Лудакот“. Агресивно туркал кон стратешка нуклеарна војна. Во една од игрите ја почнал веќе во четвртиот круг.